Под мотото „Со човековите права, не се преговара! – Еднакви пред законот и во општеството“, Коалицијата „МАРГИНИ“ започнува кампања со цел популаризирање на итната потреба од донесување на квалитетни законски решенија што ќе обезбедат еднаков третман и достоинствен живот за трансродовите луѓе во земјава.
Оттаму истакнуваат дека кампањата е насочена кон информирање на јавноста, но и потсетување на пратениците за нивниот удел во исполнувањето на обврската на државата за целосно спроведување на Одлуката на Европскиот суд за човекови права во случајот „Икс против БЈРМ“.
„На Предлог Законот за матична евиденција, што треба да овозможи правно признавање на родот, работеше експертска работна група составена од претставници на сите надлежни институции, граѓански организации кои директно работат со трансродовите луѓе. Постоечкиот Закон за матична евиденција не обезбедува јасна процедура за промена на ознаката за пол, со што се остава простор на надлежните институции за носење на произволни одлуки засновани на личните ставови на поединците“, велат од „Маргини“.
Трансродовата заедница и граѓанските организации подолго од една деценија укажуваат на отсуството на јасна законска рамка за правно признавање на родот што резултира со проблеми на трансродовите луѓе да можат да си ги остварат основните права на образование, здравствена заштита, вработување и користење на добра и услуги во секојдневниот живот.
„Предлог Законот за измена и дополнување на Законот за матичната евиденција што се наоѓа во собраниска процедура делумно ги коригира недостатоците на постоечката законска рамка и доколку се усвои, државата ќе ја исполни својата обврска да обезбеди правно признвање на родот, а трансродовите луѓе ќе можат непречено да ги остваруваат своите права со почитување на нивниот родов идентитет“, посочуваат од „Маргини“.
Поради ова, од Коалицијата ги повикуваат пратениците од сите пратенички групи во Собранието во најбрз можен рок ги изгласаат измените на Законот за матична евиденција со што ќе овозможат достоинствен живот на мала група на луѓе без да се засегне јавниот интерес.
Од Вива ла Дива до победа во Стразбур – колку државата е отворена за транс права