Македонија до февруари 2016 година ќе го легализира канабисот за медицински цели, соопшти денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
Министерството во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства, подготви Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во насока на легална контролирана употреба на производи од канабис за медицински цели во Република Македонија.
Според Предлог-законот, канабисот ќе може да се произведува и користи само во Македонија а ќе може да го произведуваат само правни лица.
„По изнесување на различни искуства и воочување на бенефитите и ризиците од употребата на канабисот во медицински цели денеска сакам да информирам дека Министерството за здравство, во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства, подготви предлог закон за изменување и дополнување на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во насока на легална контролирана употреба на производи од канабис за медицински цели во Република Македонија“, изјави Тодоров.
Тој рече дека предлогот за легализација на канабисот во медицински цели ќе биде поднесен во владина процедура, а во недела ќе организираат уште една јавна расправа за да слушнат и дополнителни предлози, сугестии и забелешки во насока на подобрување на истиот.
Министерот вели дека овој предлог доаѓа паралелно со развојниот тренд во Европската унија каде до октомври вкупно 13 земји овозможија употреба на препарати на база на коноп во медицински цели.Македонија ја легализира марихуаната за медицинска употреба. Најдоцна до февруари на пациентите ќе им биде достапен канабисот за лекување. Со тоа Македонија ќе стане 14. држава во Европа која го легализирала канабисот по Чешка, Финска, Романија, Италија, Шпанија, Холандија, Франција, Австрија, Португалија, Германија, Велика Британија, Словенија и Хрватска.