„Сигурно ќе излезат предизвици, секој почеток е тежок. Сепак, многу e важно да се разграничи дека сега имаме законски уредена услуга за образовен асистент. Ова не е проект, не е импровизација. Образовните асистенти ќе имаат достоинствена плата. Луѓето се високообразовани и компетентни. На огласот се јавија многу луѓе и над бројот што го побарувавме. Ќе гледаме да направиме соодветно усогласување со учениците со попреченост, односно соодветно со оние што имаат потреба со образовна асистенција, и со профилот на образовен асистент. Мислам дека (од септември н.з.) ќе почнеме оптимално“.
Марија Делетиќ, директорката на посебното училиште „Златен Сремец“, кое од годинава менува статут и станува училиште со ресурсен центар, во разговор со Радио МОФ вели дека образовната асистенција за децата со нетипичен развој од учебната 2021/2022 година ќе биде системски уредена, како дел од пошироката идеја за инклузивно образование.
Петте македонски ресурсни центри во текот на следните години треба целосно да го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта. Да даваат придонес кон учениците со нетипичен развој, за наставници и разен кадар, за обуки, вештини… Овој процес значи, кога посебните училишта ќе престанат да запишуваат ученици, без разлика на попреченоста, сите деца да се вклучат во редовните училишта.
Оттука, ресурсните центри објавија огласи за образовни асистенти, од кои 260 од вкупно 500 ќе се вработат преку скопските „Златен Сремец“ и „Иднина“. Профилот на луѓе што се бараат се специјален едукатор, рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, професор во предметна или одделенска настава…. Образовните асистенти треба да поминат и обуки. Тие беа најпрво најавени во април, но потоа МОН соопшти дека ќе се реализираат тек во втората половина на месец август.
Според Делетиќ, ресурсните центри ќе им бидат обучувачи, по принципот на „training of trainers“ (обука за обучувачи).
„Обучени сме од (меѓународна) програма од тренери со долгогодишно искуство на оваа тематика. Ќе се реализираат обуки на македонски и албански јазик, кои ќе се одвиваат со физичко присуство и ќе траат пет денови. Во обуката се обработени сите модули согласно компетенциите што треба да ги имаат образовните асистенти и начинот како ќе се дава услугата. Значи, правата и задачите на образовниот асистент, каква ќе биде неговата соработка со семејството, со локалната заедница итн“, вели Делетиќ.
Обуки потоа ќе се вршат и за наставници. Новитет е што образовните асистенти ќе бидат директна поддршка на наставникот, а не личен асистент на ученикот. Замислата, потенцира Делетиќ, е наставникот да биде носител на инклузијата.
Исто така, образовните асистенти досега одеа преку програма на УНДП и општините, се жалеа дека имаат плати од 7.000-8.000 денари што некогаш им доцнеа, а сега е најавено дека ќе земаат по 24.000 денари, предвидени преку буџетот на МОН, од вкупно 59-те милиони денари за оваа намена.
Активисти и организации алармираа за можен дефицит на дефектолози и кадри за образовни асистенти, сепак, Делетиќ тврди дека владее интерес на јавниот повик.
„Многу луѓе беа скептици, ама навистина има заинтересираност. Бидејќи зборуваме за сите права од работен однос, пензиско, здравствено, стаж и сето она што му следува на човек од основно училиште. Договорите се за една учебна година. Многу е важно да се нагласи дека нашата поддршка не застанува на обуката. Направен е тим, односно Служба за едукација и координација на образовните асистенти, што работи во склоп на ресурсниот центар“, нагласува директорката на „Златен Сремец“.
Образовните асистенти, објаснува Делетиќ, за нивната работа ќе поднесуваат извештаи до ресурсниот центар, а ќе се следи нивната работа на одредена динамика. Дали тоа ќе биде на двонеделно или месечно ниво, за да видат каде се појавуваат проблеми, предизвици, каде некои работи се недоречени во однос на законската регулатива.
„Треба да се детализира работниот ангажман во институцијата на образовниот асистент. Тоа е проширена дејност што ја добиваме како училиште. Не е само да ги пуштиме образовните асистенти да бидат поддршка“, вели таа.
Измените во Законот за основно образование предвидуваат и т.н. „инклузивни тимови“ во редовните училишта. Тим со мандат од три учебни години, составен од седум члена од вработените во училиштето, педагог, психолог, социјален работник, родители…
Според Делетиќ, тимот треба да биде вид посредник за потребите на родителот и наставникот, со цел да се излезе во пресрет на ученикот со нетипичен развој.
„Се формира инкузивен тим на ниво на училиште, а се формира и инклузивен тим за секој ученик. Каде што, утре, образовниот асистент ќе има одредена улога во поглед на ревизија на Индивидуалниот образовен план (ИОП за ученикот), разумно прилагодување на простор, можеби дополнителна поддршка на ученикот во однос на помагало, на асистивна технологија, адаптирање на наставни материјали… Така, ние ќе бидеме во постојана комуникација со инклузивните тимови. И, она што стои во Законот, доколку училиштето нема вработено дефектолог во стручната служба, за да биде член на инклузивен тим – сите услуги ги бара од ресурсниот центар“, потенцира Делетиќ.
Многу родители се со недоумници дали и кога нивното дете со нетипичен развој ќе добие образовен асистент, но и дали ќе го следи Индивидуалниот образовен план (ИОП) или т.н. модифицифрана програма – наменета за ученици со комплексни потреби.
Прво, најавено беше дека меѓу март и јуни проценки ќе прави новата Служба што работи по МКФ (Меѓународна класификација на функционалности). Но, процесот се оддолжи. Така, некои родителите се уште немаат добиено термин во МКФ, па чекаат да го приложат мислењето во училиштето за детето да тргне во школо од септември.
„Барањето се поднесува до училиштето, а училиштето го поднесува до нас (ресурсниот центар). Но, за пандемијата некое време не функционираше МКФ поради протоколи и слично, па не беа обучени доволен број стручни тела. Зборувам за регионите. Но, сега тоа ќе се случува и во Струмица, функционира стручна служба и во Битола… Така, ќе се намали притисокот на телото во Скопје. Се надеваме дека до крај на август ќе имаме успешна реализација на сите што се на листата на чекање“, вели таа.
Во однос на прашањето која е границата меѓу Индивидуален образовен план (ИОП) и модифицирана програма, како ќе се одредува за секое дете посебно, Делетиќ вели дека тоа ќе го решава инклузивниот тим во соработка со ресурсниот центар. Инклузивниот тим по ученик ќе седне и ќе го ревидира ИОП-от.
„Тоа ќе биде проценка, следење, ќе се постават идни цели. Но, тоа не е врзано само со време. Развојната компонента кај децата е малку поинаква отколку кај возрасните. Меѓутоа, кога гледаме дека континуирано ги поставуваме, ги преадаптираме целите и ги намалуваме очекувањата, а сепак не се постигнати, тогаш одлучуваме ученикот да работи по модифицирана програма. Ја има и во прирачникот на УНИЦЕФ, има одредени подрачја на кои се работи, послужување, ориентација во простор, грижа за себе. Практично, за ученици што се нискофункционални. Тоа значи, во однос на програмата со наставниот и инклузивниот тим – кажуваме дека одредени активности ќе се реализираат во ресурсниот центар, а одредени во редовното училиште, за да не го изгубиме моментот на инклузија. Така е секаде во светот. Имаме активности кои можеме да ги правиме заедно, и активности за кои децата мора да добијат поинтензивна поддршка. Се’ е во интерес на детето. Никој од нас не би рекол дека детето би учело по модифицирана програма, ако тоа не е потребно, ако не е најдобрата опција“, нагласува Делетиќ.
Во изминатиов период во повеќе училишта почнаа да се отвораат сензорни соби, како некој стандард за инклузивност. Но, Делетиќ веќе нагласи дека инклузијата значи и социјализација на мал и голем одмор, во дворот на училиштето, на екскурзија, а сензорна соба, сама по себе – не значи дека институцијата е целосно инклузивна.
„Не е тоа репер за инклузивност. Репер за инклузивност е целосен приод – од хаусмајстор, хигиеничар, наставник и директор – сите да се свесни за потребите на инклузираните ученици. Да се вклучени и да им ги овозможат сите потребни работи за да го постигнат максималниот потенцијал. Не е само да се направи сензорна соба. Ќе ја набави донатор и ќе ја опремиме да биде најубава и најдобра. Така?! Прво, треба да се работи во неа, а второ – што ќе се работи? Тоа е сензорна терапија, треба да се направи сензорен профил на ученикот, да видиме кои се потребите за симулација, за интеграција на сетилата. Тоа е цела наука. Не можеме да кажеме дека со изградбата на сензорната соба сме целосно инклузивни. Треба да мислиме на сите работи“, констатира Делетиќ.
Бојан Шашевски