Марија Кири на врвот на листата на жени кои го промениле светот во анкета на ББЦ

Марија Кири, првата личност која освоила две Нобелови награди, се најде на врвот на анкетата на списанието ББЦ Историја (BBC History) која ги прашала читателите која жена имала најголемо влијание врз светската историја.

10 експерти за списанието првично составиле листа од 100 жени кои го менувале светот, а потоа било побарано од читателите да ги рангираат.

Кири, родена во Полска, која ги направила пионерските научни истражувања во полето на радиоактивноста на почетокот на 20-тиот век, добила најмногу гласови и се нашла на првото место. Зад неа, на првите пет места, се наоѓаат и активистките Роза Паркс, Емелин Панкхерст, математичарката и писателка Ада Ловлејс и хемичарката Розалинд Френклин.

Претседателката на Британското друштво на историја на науката, Патриција Фара, изјавила дека Кири има „неверојатен спектар на достигнувања“. Таа била првата жена добитник на Нобелова награда за физика, првата жена професорка на Сорбона и првиот човек кој освоил две Нобелови награди. Таа останува единствениот човек кој има Нобелова награда во две различни категории, физика и хемија.

„Околностите биле против неа. Во Полска нејзиното патриотско семејство живеело тешко под рускиот режим. Во Франција, како странец, била гледана со сомнежи и, се разбира, секаде каде што се движела била дискриминирана како жена“, објаснува Фара.

Со оглед на тоа што 2018 година е стогодишнина од Актот за претставување на граѓаните, со кој во Велика Британија и Ирска одредени жени добиваат право на глас, организаторите на анкетата велат дека не зачудува што голем број на политички активистки се наоѓаат високо на листата.

Роза Паркс, која помогнала во промените на човековите права со одбивањето да го отстапи своето место во автобус во родниот град Монтгломери во американската држава Алабама, се најде на второто место. Панкхерст, основачката на Женскиот социјален и политички сојуз е на третото место, основачката на модерниот феминизам, Мери Волстонкрафт е 10-та на листата, а Жозефин Батлер, активистката против сексуалната експлоатација на жените, на 18-тото место.

Листата несомнено ќе испровоцира дискусии. Дали Маргарет Тачер заслужува да биде на 6-то место? Или Принцезата Дајана на 15-тото? Богородица Марија, која е на 12-тото место, или пак Мајка Тереза на 20-тото место.

На листата научниците се подобро пласирани од уметниците. Единствена писателка во првите десет е Џејн Остин (13 место), додека највисоко пласирана сликарка е Фрида Кало (34 место).

Заменик-уредничката на списанието ББЦ Историја, Шарлот Хогман, вели дека е освежување да се видат повеќе непрепознатливи имиња кои се наоѓаат во топ-20. Како пример ја посочува добротворката Анџела Бурдет Кутс, првата жена со право на глас во британскиот парламент, која се најде на 7-то место.

Целосната листа и резултатите од анкетата на 100-те жени кои го менувале светот можете да ја најдете на следниот ЛИНК.