Мариово и Трескавец во трка за наградата за најдобра филмска локација

Мариово и Трескавец, атрактивните локации од прилепскиот регион, кои се појавуваат во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски“ се меѓу финалистите за наградата за најдобра филмска локација. Од вкупно 28 апликации, Северна Македонија се наоѓа меѓу петте финалисти, заедно со Словачка, Германија, Италија и Литванија.

Наградата ја доделува Европската мрежа на филмски комисии, чиј член е и Агенцијата за филм.

Ова всушност е втора година по ред како Северна Македонија е дел од финалистите, по минатогодишната номинација на локацијата каде е снимена „Медена земја“.

Агенцијата за филм неделава е дел од виртуелното издание на Европскиот филмски маркет, кој се одржува во период од 01-05 март. Поради пандемијата, значајниот европски филмски маркет на кој присуствуваат голем број од европските и светски филмски имиња се одвива во виртуелен формат.

„Оваа година, Агенцијата за филм закупи дигитален простор наменет за промоција на македонската кинематографија. На својот промотивен профил, вклучени се информации за институцијата но и она што може да го очекуваме во периодот што следи а се однесува на најновите остварувања кои во моментов се во завршна фаза на реализација. Ова претставува одлична можност за поголема видливост на македонскиот филм и можност за остварување на контакти и потенцијални соработки важни за развој на дејноста“, велат од Агенцијата за филм.

Меѓу другото, на Европскиот филмски маркет ќе биде претставена и македонската актерка Сара Климоска, која е дел од иницијативата Shooting Stars  во организација на European Film Promotion.

„Активностите за промоција на 10-те млади европски таленти опфатија бројни интервјуа со медиуми  како и можности младите таленти да бидат претставени пред кастинг директори и филмски професионалци“, соопштуваат од Агенцијата.

На 2 март, пак, ќе се одржи програмскиот дел на Европскиот филмски маркет каде продуцентите ќе имаат можност да ги претстават своите локации, виртуелно да разменат искуства и да се запознаат меѓу себе, а на крајот следи и доделувањето на наградата за најдобра филмска локација.