Mark Lanegan, еден од најголемите рок пејачи, во средата го одржа долго очекуваниот концерт во Скопје. Lanegan и неговиот бенд настапија пред полната сала во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) со песните од нивниот нов албум „ Phantom Radio“, но секако, публиката ја израдуваа и со своите стари хитови.
Почетокот на концертот беше закажан за осум часот кога на бината излезе басистот на бендот кој цел час ја забавуваше публиката со својот продорен глас и покажа дека многу повеќе „само“ басист на Ланегановиот бенд. После неговиот настап, следуваше настапот на Duke Garwood кој исто така свири во бендот и е често опишуван како еден од најдрагите и најблиски соработници на Mark Lanegan.
Овој мулти-инструменталист со лесните ноти ја опушти и подготви публиката за излегувањето на Марк Ланеган на сцената. Во десет часот, Марк Ланеган стапна на сцената пред воодушевената публика и својот настап го започна со песната „When your number isn’t up“ од неговиот албум „Bubblegum“ од 2004 година, и како што вели стих од таа песна – „ не пренесе во светот на ладните граници“.
Публиката му се препушти на рапавиот, енигматичен глас на овој уметник и секоја следна песна беше пропратена од воодушевување на публиката. Следуваа песните од новиот албум „Phantom Radio“- „Harvest home“ и „Floor of the ocean“. Публиката одлично ги прифати новите песни и уживаше во настапот на овој уметник кој зад себе има соработки со некои од најпознатите музичари на денешницата како „Queens of the Stone Age„, „Soulsavers“, „Moby.“ Песните од новиот албум се подеднакаво обележани од ланегановиот глас и уникатноста на неговите изведби кои го карактеризираат низ годините.
Темните тонови и поетиката на неговите текстови и понатаму е присутна и тоа е уште една од причините поради кои публиката толку топло го прифати новиот албум „Phantom Radio“ . Атмосферата во салата ескалираше кога Ланеган ја почна песната „I hit the city“, еден од најголемите хитови од албумот „Bubblegum“. После овие хитови следуваа и останатите меѓу кои -„Ode to sad disco“, „Riot in my house“, Harborview Hospital“, кои се наоѓаат на „ Blues Funeral“ од 2012 година. Овој албум своевремено беше сесрдно пофален од критичарите и одлично прифатен од неговата публика. Марк Ланеган својот концерт во Скопје го заврши со песната „Death trip to Tulsa“ од последниот албум и стихот „ High, high, high/away in the sun“ ( Високо, високо, високо, далеку до Сонцето), стих кој се чини најубаво ја доловува атмосферата на концертот и врелината на ланегановиот звук.
На крајот на концертот, публиката побара бис, а Mark Lanegan Band на барање на својата верна публика уште еднаш излезе на сцена и изведе уште неколку од хитови. Беше поздравен со огромен аплауз, а публиката и по завршувањето на концертот имаше можност да му се воодушевува на овој музичар кој остана да се дружи со посетителите, да потпишувај автограми и да се фотографира со своите фанови.
Текст: Смиљана Ракоњац
Фотографии: Јована Мишкоска