Маркетите ги објавија цените на производите, споредбата е исклучително комплицирана

Поголемите маркети во Македонија ги објавија малопродажните цени на своите веб-страници почитувајќи ги измените на Законот за заштита на потрошувачи кои стапија на сила вчера. Но, од практичен аспект, иако цените се достапни нивната споредба помеѓу различните маркети е отежната и одзема многу време, пишува новинската агенција Мета.

Најпрво, според правилникот за начинот на објава, цените се објавуваат посебно за секој маркет во рамки на синџирот. Така, ако сакате да проверите цена на некој производ, треба да го изберете маркетот во кој што ќе пазарите. Потоа работите стануваат покомплицирани во зависност од тоа што сакате да купите.

Тестирајќи ја функционалноста на објавените цени и колку тие придонесуваат за потрошувачите полесно да дојдат до производите кои можат да си ги дозволат, проверивме дали можеме да ги споредиме цените за еден производ во 9 различни синџири на маркети. Станува збор за еден литар млеко со 2,8 проценти масленост од брендот Бимилк, или меѓу народот познато како Битолско млеко. Цената ја проверивме во следните маркети: Стокомак во Капиштец, КАМ во Карпош 4, Веро Тафталиџе (Веро 2), Тинекс во Карпош 4, Рамстор во Сити Мол, Киппер маркет во Аеродром, Кит-го маркет во Карпош 4, Дим маркет во Карпош 4 и Зур маркет кај Универзална сала.

Она што е забележливо веднаш е дека објавата на цените иако се придржува до правилникот на Министерството за економија, сепак не е уедначен кај сите трговци. Така, табелата кај некои трговци може да се пребарува, кај други не може, односно мора да скролате низ табелата и да вртите страница по страница а станува збор за табела со стотина и повеќе страници. Кај дел од маркетите мора да го симнете ценовникот на вашиот компјутер па потоа да го пребарување. Но, ниту еден маркет од оние што ги проверивме не дозволува симнување на податоците во машински читлив формат.

Исто така, називот на производите е различен кај сите. Производот кој го споредувавме некаде е напишан како „Bi Milk млеко“, на друго место „млеко битолско“, на трето „имб бимилк битолско млеко“, или пак “mleko bimilk”.

Кога станува збор за цените на избраниот производ тие се следните:

  • Во Кам маркет во Карпош 4 еден литар млеко од брендот Бимилк со 2,8 проценти млечна масленост се продава за 61 денар.
  • Во Веро 2 во Тафталиџе, цената на овој производ е исто така 61 денар.
  • Во Тинекс во Карпош 4, едн литар битолско млеко со 2,8 проценти масленост чини 68 денари.
  • Во Рамстор во Сити мол, истото млеко се продава за 69 денари.
  • Во Киппер маркет во Аеродром, редовната цена на ова млеко е 67 денари, но во моментот е на попуст и се продава за 61 денар.
  • Во Кит го во Карпош 4 битолското од литар со 2,8 проценти масленост се продава во сет од 4 литри и чини 256 денари или по 64 денари од литар.
  • Во Дим маркет во Карпош 4 битолското млеко од еден литар и 2,8 проценти масленост чини 61 денар.
  • Во Зур маркет кај Универзална сала, ова млеко исто така може да се купи само во сет од четири литри и чини 252 денари, односно 63 денари по литар.
  • Во Стокомак во Капиштец, според објавените податоци баш тој прозивод го нема на располагање. Млекото од брендот „Алпи“ со 2,8 проценти масленост и 10 витамини се продава за 65 денари по литар, а млеко од брендот „Фармер“ чини 45 денари по литар.

Во македонскиот интернет простор постои онлајн алатка која нуди споредба на цените на производите и се нарекува Ценометар, но таа ги опфаќа цените само на 5 синџири на маркети и не постои можност да се одбере поединечен маркет што е обврска според правилникот на министерството за економија.

Правилникот го пропишува начинот на кој малите, средните и големите трговци што вршат трговија на мало треба да ги објавуваат цените на стоките што ги продаваат. Според документот, секој трговец е должен на својата веб-страница, во посебен дел посветен на ценовници, да ги прикаже цените на производите на јасен и достапен начин, без потреба од регистрација или најавување на корисниците.

Објавените цени мора да бидат детални и да вклучуваат: редовна продажна цена, единечна цена (по килограм, литар итн.), како и промотивна или намалена цена со назначен процент на попуст и времетраење на понудата. Дополнително, објавата мора да се однесува на секој поединечен продажен објект.

Цените мора да се ажурираат секој работен ден најдоцна до 10 часот. Доколку дојде до техничка грешка, трговецот е должен да ја исправи во рок од 24 часа.

Како што најави на прес-конфереција министерто за економија и труд, Бесар Дурмиши, казната за непридржување до законските измени достигнува до 10.000 евра.

Дурмиши, исто така, рече дека со овие измени граѓаните ќе можат „да видат и да споредат во кој маркет има најниски цени“, но се чини дека тоа не е баш така едноставно. За проверка на само еден прозивод кој го земавме како пример во овој текст во девет различни маркети беа потребни речиси 60 минути.

Стопанската комора на трговци на мало еден ден пред истекот на рокот побара од Министерството за економија да го продолжи рокот за имплементирање на законските измени бидејќи „значителен дел од малите трговци сѐ уште се во процес на адаптација, од технички, финансиски и кадровски аспект“.

Оттаму истакнаа дека „станува збор за реална потреба од дополнително време со цел квалитетна и одржлива имплементација поради комплексноста и обемноста на материјата“.

Министерот најави дека ќе се сретне со претставници на комората.

Инаку, на крајот на месец април истекува ограничувањето на профитните маржи и максималните цени на основните прехрамбени производи кои владата на предлог на министерството за економија ги воведе на 20 февруари. Тогаш граѓаните револтирани од високите цени се организираа и ги бојкотираа големите маркети на неколку наврати.

Мета.мк