Седмото издание на Македонскиот радиски фестивал МАРС ќе се одржи на 25 ноември, вторник, во Универзалната сала во Скопје. МАРС годинава е посветен на јубилејот – 70 години од ослободувањето на Скопје. Во една вечер, ќе се случи ревија на најслушаните хитови во тековната година, па затоа се вели дека МАРС е единствениот македонски музички “all stars”.
Најпопуларните годинешни радиохитови, како и досега, ќе бидат избрани преку селекција од над 4о локални, регионални и национални радиостаници ширум Македонија. 15-те највртени песни во македонскиот радиоетер ќе се најдат на финалната вечер на МАРС 2014, која ќе биде директно пренесувана на првиот канал на националниот ТВ сервис – МТВ. Листата на избраните ќе се знае во почетокот на следниот месец кога ќе се сумираат резултатите од пристигнатите гласови од македонските радиостаници.
Македонскиот радиски фестивал МАРС 2014, чиј продуцент и организатор од самото негово основање е Универзалната сала, и годинава ги задржа правилата на селектирање на песните и ја продолжи ланската нововостановена концепција на гласање и наградување на победниците. Новиот содржински дизајн на фестивалот, наместо вообичаеното прво, второ, трето… место, носи категоризација на наградите, што подразбира дека секој од 15-те учесници на финалната вечер ќе добие една или неколку различни награди во повеќе категории како што се : Поп, Рок или Ар-ен-би и Рап хит на годината, хит испеан од женски вокал, од машки вокал или од група, Балада на годината, а тука се и категориите како Случајни партнери ( дует), Апсолутен радиски или ФМ хит (песна која ќе има најголем број гласови од радиостаниците), Хит по избор на публиката (која ќе може да гласа преку Фан страницата на МАРС 2014 на Фејсбук), додека за Најдобар текст на песна повторно ќе одлучуваат естрадните и музичките новинари од печатените медиуми и интернет порталите. За Ѕвезда што се раѓа ќе биде прогласено едно младо музичко име кое имало најголем напредок во кариерата во 2014 година.
Наградата за трајни вредности ќе му биде доделена на изведувачот или групата која имаат отпеано еден македонски евергрин, овој пат посветен на градот Скопје и конечно наградите за Ѕвезда од соседството, чии песни биле меѓу најпопуларните во македонскиот радиоетер во тековната година ќе отиде кај едно големо музичко име од регионот кое ќе биде и специјални гости на МАРС 2014.
Годинава тоа е една од најпопуларните хрватски поп пејачки, Нина Бадриќ, која со своето присуство и настап ќе ја збогати програмата и ќе го подигне рејтингот и реномето на фестивалот.
Домаќини на петтото фестивалско изданиена МАРС 2014 и овој пат ќе бидат две актуелни и популарни водителски ТВ ѕвезди. Изгледот на сцената, специјално подготвениот “front & backstage” во кој ќе бидат сместени изведувачите, редоследот на песните како и сите останати детали и поединости врзани со одржувањето на седмиот македонски радиски фестивал МАРС 2014 ќе бидат соопштени на двете прес конфернции – едната во првата седмица на месец ноември, а втората на денот на одржувањето на фестивалот.