По повод одбележувањето на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, сексуалните работници, здружени во СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со поддржувачите ХОПС и Коалиција МАРГИНИ, по четиринаесетти пат ќе се приклучат кон глобалното одбележување на овој значаен ден со организирање на традиционален „Марш на црвените чадори“.
Црвената е боја на убавината, а чадорот е глобален симбол на сексуалната работа кој ја симболизира заштитата од надворешни влијанија, објаснуваат организаторите.
Маршот, традиционално ќе се одржи во Скопје на 17 декември, петок, а ќе започне во 12 часот, од пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза на улица Македонија, а ќе заврши на плоштад „Филип II“.
Пред започнување на маршот, сексуални работници ќе дадат изјави за медиумите.
„Со овогодишната кампања, повторно ќе ставиме акцент на потребата од декриминализација на сексуалната работа како најдобра правна рамка за унапредување на човековите, работничките и здравствените права на сексуалните работници, како и итноста од донесување нова правна рамка за регулација на сексуалната работа во РС Македонија. Сексуалната работа е препознаена како најстарата професија на светот, а државата одбива да го признае трудот на најстарите работници на светот. Затоа, сакаме да ја истакнеме потребата од итно донесување на соодветен модел за регулација за сексуалната работа и да ги прашаме надлежните институции: ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА КОГА?“, пишуваат организаторите.
Маршот на црвените чадори ќе се одржи во согласност со сите важечки протоколи и мерки за организирање на јавни настани од овој тип, со строго почитување на здравствените мерки за заштита од КОВИД-19.