Со скандирање на пораката „Колективен сега!“ културните работници излегоа на протест со кој бараат достоинствени плати преку нов колективен договор, бидејќи од стариот минаа 14 години.
„ Денеска е убав ден, денеска сите ние заедно излеговме да маршираме за најважната работа за нас како вработени во културните уметнички институции, а тоа е колективниот договир. Минаа 14 години од последниот потпишан, и никогаш неспроведен колективен договор во културата. 14 години без уредени плати, без правична валоризација на трудот, без додатоци на плати, без теренски и службени дневници, без посебни услови за заштита при работа, без дефинирани услови за работа во посебни околности. 14 години без достоинствени плати за сите вработени во културата. Со овој марш ќе покажеме дека не сакаме повеќе изговори, префрлања и одговорност на други. Не сакаме ветувања, не сакаме да изгубиме уште една година без решенија на нашите проблеми“, истакна Сања Арсовска, од Синдикатот на културата на Република Македонија.
#КолективенСега се извикува пред @VladaMK pic.twitter.com/MFG0jbm5bM
— Радио МОФ (@RadioMOF) October 8, 2019
Протестниот марш започна од паркот „Ибни Пајко“, по што продолжи со марш кон Владата. Според најавите на организаторите, крајна дестинација е Министерството за култура. Синдикатот на културата уште во јуни најави генерален штрајк во октомври, ако не бидат реализирани нивните три барања – ревизија на спроведената нивелација на платите, итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата и потпишување на колективен договор до 30 септември 2019 година, со почеток на спроведување од 1 јануари 2020 година.