Марш во Скопје во сабота (15 мај) напладне и мирни протести истовремено низ повеќе градови најавија од иницијативата „Учебници и настава мора да има“, во знак на револт поради новиот Закон за дигитализација на учебниците.
Нашите деца не смеат да биде експеримент, велат од иницијативата.
„Се обидовме да предложиме решенија и компромис во измените на Законот со една цел – да има реформи по мерка на ученикот. Сепак, надлежните остануваат глуви на нашите мислења, барања и ставови“, изјави Драгана Спасевска од „Учебници и настава мора да има“.
Таа најави дека бојкотот на настава ќе биде прекинат, бидејќи како што појасни, остануваат уште малку училишни денови и треба да им се даде можност на децата да ги поправат оценките и да немаат дополнителен стрес.
Рутата на маршот во Скопје, кој ќе започне пред Министерството за образование и наука дополнително ќе биде одредена. Најавите се дека додека во Скопје се маршира, во другите градови истовремено ќе се протестира за исполнување на нивните барања.
Меѓу барањата на иницијативата се и да нема воведување сексуалното образование во основно училиште, но проблем гледаат и во тоа што се се држи онлајн настава наместо настава во училница.
Од иницијативата минатата недела имаа средба со претставници на МОН, кога беше и прекинат бојкотот на настава. Сепак, родителите кои стојат зад иницијативата останаа незадоволни од одговорите кои ги добија од надлежните.
Иницијативата се создаде по објавувањето на новиот Закон за учебници, со кој се предвидува децата до трето одделение да учат од печатени учебници, а за погорните одделенија постепено да почнат да се воведуваат дигитални учебници, заедно со имплементацијата на новата концепција за основно образование.
Додека од иницијативата сметаат дека се работи за уште експеримент, од МОН велат дека реформите не се избрзани, туку се темелат на релевантни истражувања на меѓународни кредибилни институции.