Под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“ на 8 Март ќе се одржи шестиот Марш за женски права. Организиран од Платформата за родова еднаквост, маршот ќе започне во 12 часот од пред Владата на РСМ.
„Заеднички ќе упатиме порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од нивните животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот. Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок! Општество во кое жените се сиромашни и лишени од своите права е општество кое е сиромашно“, порачуваат од Платформата.
Преку Маршот, клучните институции ќе бидат потсетени дека:
· Отсуството на политики, стратешки документи и механизми кои го поддржуваат унапредувањето на родовата еднаквост и правата на жените значи дека институциите дозволуваат системска дискриминација и насилство!
· Женската сиромаштија демне во сите аспекти од општествениот живот, а е особено изразена поради пандемијата со Ковид-19 што доведе до голем број на отпуштања во прекарните индустрии, како што е текстилната, каде најголем дел од вработените се жени, но Ковид мерки и механизми за економско зајакнување на жените отсуствуваат!
· Жените и понатаму не се ниту близу подеднакво вклучени во креирањето на политики и мерки, како и носење одлуки, кои ќе ги земат предвид потребите на сите граѓан(к)и. Онаму каде нема квоти, како што се извршната и локалната власт, одлуките ги носат доминантно мажи – само 4 жени, наспроти 17 мажи во Владата на Р.С.М; 2 градоначалнички, наспроти 79 градоначалници во локалната власт!
Маршот ќе започне во 12 часот пред Владата, а ќе заврши во Паркот „Жена Борец“ со обраќање до јавноста и институциите. Маршот ќе се одвива по определена рута.
На Маршот ќе се почитуваат протоколите за безбедност, односно учесниците ќе се придржуваат на правилата за држење дистанца, носење маски, а Маршот ќе биде надгледуван од редари.