Најавената Парада на гордоста на 29 јуни ќе започне со собир од 11 часот кај паркот „Жена-борец“, а самиот марш ќе стартува точно напладне. Потоа, учесниците од Собранието по скопските улици ќе се упатат кон „Школка“ во Градски парк, каде е предвидена програма со обраќање на локални и регионални активисти, претставници на институции, но и музички дел.
„На ‘Школка’ програмата ќе ја водат дрег-кралиците Линда Социјалиста и Кајла Мор, додека во музичкиот програма ќе бидат Тамара Тодевска, Принцез Донатсу и диџеите Ивана Драгшиќ, Зоки Бејбе, Ири Скреч, Ана Мало и Узун Баба“, најави Јована Jовановска од организацискиот одбор на „Скопје Прајд“, кој денеска одржа прес-конференција за маршот.
Од одборот потенцираа дека секој учесник на маршот ќе добие алка, со која ќе може слободно да се движи во и надвор од одбележаниот простор.
Според Антонио Михајлов, организацијата на Парадата на гордоста ја има поддршката од извршната и законодавната власт, а учество најавиле и министри и пратеници.
„Нашите пријатели и пријателки – активистите и активистките за ЛГБТИ права од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора – исто така ќе учествуваат, а дел од нив и ќе се обратат на присутните во Градски парк. Скопје Прајд е сигурен и безбеден настан за сите, па ги повикувам ЛГБТИ луѓето, поддржувачите, и сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еднаквост и инклузивност, да ни се придружат“, рече Михајлов.
Кочо Андоновски од Одборот нагласи дека од првата објава за одржување на „Скопје прајд“, евидентни биле обидите со омраза да се засени пораката на еднаквост и вклучување, да се потцени можноста отворено да разговараат за хомофобијата, трансфобијата и бифобијата.
„Тие, не носат само до ситуации на нееднаквост, туку го зголемуваат и ризикот од насилство врз ЛГБТИ заедницата. Исто така, евидентно е и потценувањето на моќта на актот некој исправено да застане и да се бори за своите права. Но, во исто време, многу повеќе добивме поддршка. Не’ комуницираат многу луѓе кои не’ поддржуваат и ни кажуваат дека ќе дојдат со нас, да го изодат Маршот на гордоста посветен на сите минати борци за правата на ЛГБТИ луѓето, на сите маргинализирани групи и на сите борци за човекови права, посветени на идејата за еднакво општество, идеја која сакаме да ја реализираме за идните генерации“, рече Андоновски.
На прашањата од новинарите за паралелно најавениот марш на иницијативата „Сојуз за живот“ со име „Сведоштво за семејството“, Андоновски одговори дека во таквиот собир не постои транспарентност.
„За разлика од граѓанскиот сектор кој работиме со години, кој нас не’ поддржува во активностите и целите, за жал, кај нив не можеме да видиме таква транспаретност – кој ги поддржува, финансира, која е крајнате цел. Она што е евидентно во контра-протестот е она што го гледаме во последниот период, и не само последниот, како покажување омраза, двоење, поларизација, на која сакаат да прикажат: ‘еве какви пристојни граѓани сме, а овие не чинат’. Очигледно е дека сакаат да понижат, етикетираат, сакаат да шират омраза. Ние, немаме ништо со тоа, ни го имаме ‘Скопје Прајд’ и ќе го изодиме маршот онака како што треба. Се надеваме дека нема да има никакви провокации, никаков допир со контра-протестирачите“, рече Андоновски.
Тони Ангеловски од МВР на прес-конференцијата уверуваше дека министерството ги презема сите неопходни мерки за да се гарантира јавниот ред и мир. Како што кажа, вакви и слично настани обезбедуваат на највисоко ниво, додека каков било обид за насилство ќе биде најстрого санкциониран.
МВР пред секој ваков, или сличен настан, прави план сразмерно на проценките колку се очекува луѓе да бидат присутни на собирот, какви се опасностите. Сразмерно на тоа, се определува бројот на ангажирани полицајци. Ве уверувам дека ќе имаме доволен број на полицајци да помине во најдобар ред и мир“, констатираше Ангеловски од МВР.
Радио МОФ во последната емисија/подкаст „Мегафон“ се осврна токму за проблемите, институционалните препреки и за општествените стигми со кои се соочува ЛГБТИ-заедницата, но и за значењето на првата Парада на гордоста што се организира во земјава.
[Подкаст] Мегафон: Парадата на гордоста ги врати во фокус ЛГБТИ правата и препреките
Бојан Шашевски