Мартин Милев: „Општествените аномалии и суровата егзистенција во фокус на рап албумот „NeverAmore“

Мартин Милев, чиј псевдоним е Martix, својот прв рап настап го одржува во 2012 година, a првите демо снимки ги направил во 2011 година,  кога имал 14 години. Доаѓа од Кочани, а студира на катедрата по Општа и компаративна книжевност. Неговиот прв соло албум кој излезе неодамна, „NeverAmore“, содржи 12 песни.

Во разговорот со Радио МОФ, Милев споделува дека насловот на неговиот албум е кованица на „Nevermore“ од „Гарванот“ на Едгар Алан По и „амор“.

Со Милев поразговаравме за неговиот соло албум, инспирацијата, општествените теми, соработките и животот во Кочани.

Тој објаснува дека целта на насловот е да го симболизира одљубувањето, губењето на љубовта, што е прикажано низ целиот албум, па и преку темите што не се директно поврзани со љубов.

„Акцентот повеќе е ставен на општествените аномалии и суровата егзистенција која се спротиставува на искрената емоција и чистата љубов“, вели Милев.

Според него, првиот албум се создава цел живот- од моментот кога првпат се започнува со пишување, па сè до влегувањето во непознатиот свет со  продуценти, студио, промоција, дизајн и сè што си носи првичната замисла како треба да изгледа албумот.

Официјално, албумот е објавен во 2021, а готов бил во 2019, иако содржи песни што се напишани и снимени поодамна.

Милев истакнува дека рап музиката има влијание кај помладите  луѓе, што носи и голема одговорност, но вели дека сериозниот пристап кон текстовите и темите во албумот привлекол и повозрасни слушатели.

„Албумот го сумира расположението на сите граѓани во Македонија кои се соочиле, размислувале или биле во директен контакт со темите што ги обработив во „neverAmore!“, вели тој.

„Провинциски г(л)адно“ е песната на албумот која е во целост продукт од Кочани.

„Инструменталот е на Васко Велков, а како гостин се појавува Бомер. За оние кои не знаат, Бомер е еден од првите рап артисти во Кочани, а неговиот албум „Провинциски ладно“ е албумот со кој израснав и ми е еден од подрагите и најслушаните рап албуми од Македонија“, објаснува тој.

Роден и израснат во Кочани, Милев нагласува дека она што ги засега сите млади во градот е културниот мрак. Вели, Кочани има богата културна историја, но денес сè е сведено на носталгија.

„Мислам дека треба повеќе простор, повеќе културни настани, функционални културни институции, со што ќе се поттикнат многу повеќе млади да се бидат дел од некоја култура, но најпрвин мора да бидат и сведоци, да ги видат и слушнат сите тие можности, па да сакаат да земат учество“, забележува тој.

Надополнува дека во последно време, е среќен што скејт културата сè повеќе се шири меѓу кочанската младина, па така култниот стих на Six Pack: „U mom gradu je glupo voziti skejt“ сè помалку го допира.

Милев објаснува дека „Црни мугри“ е песна која ги посочува класните разлики, „Под шлемот на демон“ се фокусира на суровоста и апсурдот на војната, „Куферот“ ги опфаќа егзистенцијалните теми, а „Кочини, граду мој“ и „Провинциски г(л)адно“ се темите поврзани со градот, но такви се и неколку лични како „Кашата прашлива“ и „Овој дожд сè ќе измие“ .

„Албумот опфаќа доста универзални теми, но се обидов пристапот да биде поразличен. Ако се работи за некоја анти-политичка песна, сакав тоа да не биде груба и сувопарна критика, секојдневен муабет пред кооперација, туку сакав да има и некоја креативна тежина. Акцентот на целиот албум е на “луѓето во црнина“ кои ми се симбол на повеќе структури и професии во општеството кои директно учествуваат во креирањето на грдата слика и тргуваат со нашите животи, мислам дека тоа најдобро го имам прикажано во „Тајната вечера“, вели тој.

Милев открива дека му се важни сите општествени битки кои би направиле некакви разлики на колективот.

„Јас сум дел од книжевната и музичката сцена, тоа е моето поле на интерес и потребни ми се повеќе промени таму. Во секое општество важни се сите елементи, секое парче од сложувалката е потребно за да биде комплетна и убава целата слика, ако некаде нешто не чини, тоа е проблем за сите, а не само за загрозената група. Мое е само да пробам да поттикнам, да бидам глас на оние кои го немаат, а во општествените битки сме потребни сите“, вели тој.

Објаснувајќи ги соработките на „NeverAmore“, Милев открива дека за инструменталите се погрижиле Ангело SKC, МЕНКА, Ристе Иракоски, Васко Велков и Борис Герасимов. На песната „Различни неба“ соработувал со  Дрази Драгз, во рефренот на „Тајната Вечера“ учествува и Кирил Стоименов – Vlax, а единствен рап артист што гостува со текст е Бомер.

Неизбежна тема во разговорот со Милев беше и влијанието врз неговата музика и текстови. Тој посочува дека отсекогаш ја сакал едукативната страна на рапот и вештата игра на зборови, но и лириката која ќе го збуни и ќе го замисли.

Па така, од македонската сцена како влијание ги посочува САФ, СТР2, Баже од Нов Поредок, Зад Аголот, Бомер, Влакс, Хајд, Сиги, а од Балканот Eдо Маајка, Марчело, Јантар, Скриптор, Елементал, Генерал Ву.

Како „странско влијание“ ги издвојува MF DOOM, Big L, Nine, Nas, The Roots, Outkast, Notorious B.I.G, 2pac, Cypress Hill, а од поновите: Run the Jewels, Aesop Rock, Kendrick Lamar, J Cole, Atmosphere, Evidence, Vinnie Paz, J.I.D, Isaiah Rashad, Denzel Curry и  Shahmen.

За крај, Милев топло препорачува читателите на Радио МОФ да ги проверат сите наброени артисти за читање и слушање, притоа дополнувајќи дека имал и влијание од македонската литература, односно Горан Стефановски, Коста Солев Рацин, Ацо Караманов, Ацо Шопов, Богомил Ѓузел, Славко Јаневски и Влада Урошевиќ.

И.С.