Машко друштво на поети во вторник ќе го одбележи Денот на човекови права

По повод Меѓународниот ден на човековите права, во Цреша Бар овој вторник, со почеток во 20 часот, петмина поети ќе настапат на поетската вечер под наслов „Стихови на слободата“.

Настанот е во организација на невладината организација Цивил, а меѓу поетите што ќе читаат свои стихови се Игор Исаковски, Јовица Ивановки, Илир Ајдини, Мирослав Стојановиќ – Шуки и Џабир Дерала. Поетите ќе ги придружува диџејски сет и видео арт, а со своето учество ќе го одбележат денот на човековите права.

– Ова е „машко друштво“ на поети и уметници и за првпат во историјата на Цивил има ваков тотален родов дисбаланс, што е иронична порака сама по себе. И со оваа поетска вечер на човековите права Цивил и уметниците ќе испратат порака до сите граѓани на Македонија и светот. Секако, во духот на слободата, програмата вклучува „отворен микрофон“, по настапот на учесниците во програмата – соопштуваат организаторите.

„Стихови на слободата“ инаку е заеднички наслов на поетски и мултимедијални перформански во организација на Цивил во рамките на проектот „Проговори!“- уметниците за човекови права и солидарност, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Извор