Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, најави дека ќе има генерална амнестија за суспендираните профили на социјалната мрежа.
Оваа одлука следи по анкета, која тој ја објави на социјалната мрежа, во која мнозинството ја поддржа ваквата амнестија. Враќањето на блокираните корисници на мрежата би требало да започне следната недела.
„Луѓето го кажаа своето. Амнестијата започнува следната недела. Vox Populi, Vox Dei“, напиша Маск цитирајќи ја познатата латинска фраза која значи „Гласот на народот е глас божји“.
Оваа најава на Трамп доаѓа неколку дена откако Твитер ја укина суспензијата на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, како и на други профили меѓу кои канадскиот психолог Џордан Питерсон, поранешниот кикбоксер Ендру Тејт и раперот Је (Канје Вест), кој беше суспендиран минатиот месец поради објава на антисемитски содржини.
Центарот за справување со дигиталната омраза смета дека „суперширачите“ на содржини со омраза ќе имаат придобивка од ваквиот потег и повикаа компаниите кои се рекламираат на Твитер да престанат да ја спонзорираат платформата.
„Изборот на огласувачите никогаш не бил појасен – останете и поддржете го Илон Маск, или заштитете ги вашите брендови и обезбедете нивните пари за маркетинг да не се користат за овозможување на ширење омраза, насилство и дезинформации“, рече Имран Ахмед, директор на Центарот за справување со дигитална омраза.
Оваа недела Маск информираше дека нема да му биде вратен профилот на водителот Алекс Џонс, познат по ширењето на теории на заговор, со изговор дека „нема да има милост“ за луѓе кои сакаат да добијат на слава преку користење на смрт на деца.