Маск, Закерберг и поголемиот дел од богаташите во светот годинава станале уште побогати

Богатството на 38 од 50-те најбогати луѓе и 385 од 500-те најбогати луѓе во светот годинава се зголемило, во еден случај дури за седум пати.

Како што пишува Гардијан, растот на трошоците за живот значеше дека многумина мораа да се помачат да имаат пристоен оброк за Божиќ и Нова Година, за разлика од американските технолошки милијардери и руските олигарси, на кои празничниот период им е прилично лесен.

Од Илон Маск и Марк Закерберг на врвот на пирамидата до релативно малите риби, како што се Џејмс Дајсон и Џим Ретклиф, најбогатите главно станале уште побогати во 2023 година.

Дури и група руски олигарси успеаја да продолжат да го зголемуваат своето богатство, барем на хартија, и покрај економските санкции наметнати врз нив во повеќе области како одговор на тековната инвазија на Русија врз Украина.

Од 50-те најбогати, 12 од нив биле во загуба, а меѓу првите 500, дури 77 отсто го зголемиле своето богатство, некои за незамисливи суми.

На врвот е Маск, со проценето богатство од 235 милијарди долари, според листата на 500 најбогати луѓе во светот на Блумберг.