Голем број граѓани се собраа пред Министерството за животна средина за Маршот за чист воздух #ЗеленаРеволуција. Здружените еко-активисти бараат исполнување на барањата кои, велат тие, се плод на долгогодишна граѓанска активност и иницијативи за итно решавање на многубројните проблеми со загадување и животната средина.
Живо пред Министерство за животна средина
Posted by Радио МОФ on Friday, 29 November 2019
„Тука сме поради алармантната состојба во која се наоѓа државата. Собрани сме на овој марш за да покажеме на власата дека состојбата е алармантна и бараме итно решение на состојбите со воздухот и животната средина. Не прифаќаме ќе работиме, ќе биде. Бараме итна и сериозна работа за решавање на проблемите. Овде сме да покажеме бројност дека сме решени да одиме до крај за да се реши овој проблем“, рече Елена Митровска, која денеска излезе на протестот за воздух.
„Тука сум затоа што сум лута. Во Скопје се гушиме, и не само во Скопје. Овде сме за да ја ставиме Владата под притисок, за да не поддржи и го реши проблемот со загадениот воздух“, вели активистка, инаку дел од Fridays For Future, кои го иницираа денеќниот марш.
Маршот се движи од Министерството за животна средина низ центарот на Скопје до Собрание, па потоа ќе се заврши кај Влада. Со ова, граѓаните се приклучуваат на Глобалниот климатски штрајк. Претходно со соопштение излезе и Владата од каде велат дека ја споделуваат загриженоста од аерозагадувањето со граѓанските организации, како и дека спроведуваат мерки и инвестираат во заштита на животната средина.
Владата на Република Северна Македонија целосно ја разбира реакцијата на граѓаните и граѓанските организации предизвикана од загадувањето на воздухот, и ја споделува загриженоста.
„На крајот на минатата година го донесовме Планот за чист воздух и борбата против аерозагадувањето влезе во стратешките приоритети на Владата. Освен што ја изразува јасната политичка волја да се справи со овој проблем кој е таложен со децении и за кој ништо не беше преземано во минатото, планот предвидува сеопфатен и координиран пристап за спроведувањето на мерките, во партнерски однос на владините институции, граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации“, порачаа од Влада.
Оттаму уверуваат дека внимателно ќе ги слушнат и прифатат сите аргументирани сугестии на граѓанските организации вклучени во „Марш за чист воздух“, при што упатија отворена покана за средба во Влада во понеделник, на 2 декември.