Масовна вакцинација против коронавирусот, без кампања за имунизација

Спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје е местото каде денеска започна вакцинацијата на населението против коронавирусот. И покрај малиот број вакцини со кои во моментов располага државата, Владата ја најави вакцинацијата како масовна, но освен со апели и пораки, доцни со механизмот за да ги убеди граѓаните да се вакцинираат.

Владините најави за спроведување едукативна и информативна кампања за заштита и имунизација на населението од Ковид-19, дојдоа на почетокот на март.  На 51-вата седница која Владата ја одржа на 9 март, Генералниот секретаријат беше задолжен во рок од 15 дена и во координација со Министерството за здравство и со Секторот за односи со јавност на Владата да спроведе јавна набавка за избор на идејно и креативно решение и за реализација на кампањата.

На веб-страницата за јавни набавки пак, и покрај тоа што рокот веќе е изминат, а од одлуката е поминат речиси еден месец, нема завршена, а ниту постапка во тек за спроведување на ваква јавна набавка.

„Во планирањето и спроведувањето на информативната кампања, Владата на Република Северна Македонија ќе работи транспарентно и отчетно за да се обезбеди високо ниво на информираност, сензибилизираност, мотивираност и учество на граѓаните во справувањето со Ковид-19 и за прифаќање на процесот на имунизација“, стои во заклучоците од седницата.

Од Владата за Радио МОФ изјавија дека повикот за јавна набавка ќе биде објавен во текот на оваа недела, по што ќе следат роковите согласно Законот за јавни набавки.

„Владата работи на прецизно дефинирање на опфатот на кампањата,  утврдување на сите аспекти неопходни за комуникација со граѓаните со цел заштита од коронавирусот како и на координација со меѓународните организации кои ќе реализираат свои кампањи за вакцинацијата со цел рационализација на ресурсите и постигнување најголем можен ефект“, стои во одговорот на Владата.

Истовремено, оттаму посочуваат дека моментално во јавноста е активна кампања за имунизација поддржана од УНИЦЕФ.

Со одредено задоцнување од земјите во регионот и во Европа, земјава започна со вакцинацијата на лицата кои работат во критичната инфраструктура како МВР, АРМ, новинарите и слично. Тие ќе се вакцинираат со вакцината Спутник, додека за возрасните над 65 години е предвидена вакцината АстраЗенека. Сепак, како што доаѓаат вакцините, и информациите за несакани ефекти кај дел од нив, така и на социјалните мрежи се повидливи се конспиративните објави и дезинформациите за вакцините.

Покрај масовната вакцинација во „Борис Трајковски“, досега против коронавирусот се вакцинираа 9.033 лица. Најпрвин се вакцинираа здравствените работници кои се во првите редови во борбата против коронавирусот со вакцината на Фајзер, а вакцинацијата потоа продолжи и со повозрасните граѓани над 77 години со вакцината на АстраЗенека.

М.К.