Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) денеска пред Министерството за образование и наука (МОН) организираа протест, а после тоа имаат средба со претставници на институцијата. По средбата и двете страни потврдија дека материјалот за државната матура ќе биде приспособен, скратен поради низа случувања што ја попречуваа наставата.
Токму кратењето на материјалот предвиден за полагање државна матура беше главно барање на ОДАС, кои дадоа аргумент дека немаат време целосно да се спремат поради онлајн наставата, дојавите за бомби и дупките во знаењето од изгубената настава.
„Ни беше кажано дека материјалот е веќе скратен, но не добивме целосен увид во тоа колку и кој материјал е скратен. Тоа што го забележавме беше дека скратениот материјал по мајчин јазик (македонски) е речиси идентичен со тој од минатогодишната матура“, соопштуваат од ОДАС по средбата.
Со МОН разговарале за проблемите и предизвиците со кои средношколците се соочуваа изминативе четири години, а притоа, велат тие, издејствувале училиштата да мораат оваа година да им достават на учениците банки со прашања за полагање интерните предмети.
„Продолжуваме да го следиме процесот и да работиме на заложбата за подобро образование, и ќе информираме за сите следни чекори по извршување на разговори со средношколците“, соопшти ОДАС.
Од МОН потврдуваат дека испитниот материјал за полагање државна матура во учебната 2022-2023 е соодветен на случувањата во училиштата во целиот изминат период на оваа генерација матуранти.
„Испитните комисии кои ги подготвуваат прашањата, имаат предвид дека наставата повремено се организираше онлајн поради пандемијата со Ковид и поради заканувачките дојави, а повремен прекин се случи и поради штрајк на наставниот кадар. Прашањата ќе се однесуваат исклучиво на најважните аспекти, податоци и информации од материјалот кој учениците го совладале во четирите години од нивното средно образование“, соопшти МОН.
Според министерството, олеснителна можност била дадена и пред две години, кога се одлучи наместо три екстерни и еден интерен предмет, матурантите да полагаат два екстерни и два интерни предмети, концепт по кој полагаат и годинешните матуранти.
„Датумите за полагање на испитите се дефинирани во Календарот за организација на работата на јавните средни училишта во учебната 2022-2023 година и учениците имаат доволно време да се потсетат на тоа што веќе е поминато и научено. МОН го цени мислењето на средношколците и затоа тие се дел од креирањето на образовните политики“, посочува ресорното министерство.
Постои согласност од двете страни дека државната матура е важен процес, велат од таму, затоа што значи заокружување на средното образование и е основен услов за запишување на високообразовна установа.
„Полагањето ќе се одржи, без притоа ниту еден ученик да биде оштетен по било кој основ“, соопшти МОН, додавајќи дека наредниот период ќе организираат состаноци и со Сојузот на средношколци како и други засегнати институции во овој процес.
За разлика од ОДАС, Сојузот на средношколци излегоа со став против укинување на еден интерен предмет. Исто така, денеска Сојузот побара и намалување на соодносот во поените на матурските испити со оценките од сведителставата, промена на датумот за првиот екстерен испит поради Духовден, испитот по мајчин јазик универзитетите да го земат за соодветен и наставниците однапред да ги споделат банките прашања за интерните предмети.
Бојан Шашевски