Матичните лекари утре излегуваат на протест во 12 часот пред Министерството за здравство, соопшти Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина (ЗЛОМ-СМ).
Оттаму велат дека не е направена ниту една реформа во примарното здравство во последните години и дека ниедно нивно барање не е земено предвид пред и за време на пандемијата.
„Матичните лекари ја имаат улогата да бидат први и последни во грижата за здравјето на своите пациенти. Тие секогаш стојат во првите борбени редови, и се оние кои управуваат со последиците од непредвидените ситуации и продолжуваат да обезбедуваат грижа и третман за своите пациенти. Во последните неколку години сведоци сме на константно деградирање на матичните лекари и обезвреднување на нашиот труд“, стои во соопштението на ЗЛОМ-СМ.
Едно од нивните барање е да се направат законски измени со кои пациентите ќе се водат на здравствената установа, наместо на име на лекар, за да не се случи тие да останат без лекар откако тој ќе се пензионира. Истовремено, бараат покачување на капитацискиот бод по пациент, како и законски измени за полесен пристап до лекови на хронично болните пациенти.
Матичните лекари претходно имаа и средба во Министерството за здравство, а имаа организирано и неколку протести.