Платформата за слободен пристап до легален абортус – МАТКА, во сабота со почеток во 11 часот во Младинскиот културен центар ќе одржи прес конференција за претставување на платформата и на нејзината иницијатива „Мое тело – Мој избор!“.
На пресот исто така ќе биде промовиран првиот број на весникот „Избор“, како и првиот краток филм „Нема да голтнам“, реализирани во рамки на иницијативата.
Свое обраќање на прес конференцијата ќе имаат: Кристина Леловац од неформалната група Тиииит! Инк, Благица Петрова од студентско списание „Излез“ и Даниел Калајџиески од ХЕРА.
Целта на настанот е запознавање на јавноста со новата платформа „Матка“ и иницијативата „Мое тело-мој избор“.
„Исто така, целта на оваа прес конференција е да се укаже на сериозниот посег во основните човекови права што се случи со донесувањето на новиот Закон за прекин на бременоста, како и последиците од истиот“, најавуваат организаторите.
Иницијативата „Мое тело- Мој избор!“ е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.