Многу добар, односно четворка е средната оценка што ја добија матурантите годинава од полагањето на екстерните испити. На ниво на држава полагаа 15 300 матуранти, а нивниот резултат изнесува 3,61 што е повисок од оној во 2019 година, кога изнесуваше 3,48 односно тројка.
„Тоа значи дека нашите матуранти и покрај отежнатите услови во кои учеа, излегувајќи им во пресрет со скратени испитни програми, успеале да постигнат повисокои резултати и да ја потврдат вредноста дека и онлајн наставата може да донесе повисоки успеси во нивната работа“, заклучи Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар.
За сите кандидати, првиот екстерен испит беше мајчин јазик, а втор изборен предмет беше математика или странски јазик за учениците од гимназиско средно образование, додека за стручните училиште имаше избор помеѓу странски јазик и филозофија/естетика.
Па така, македонски јазик полагале 10 647 матуранти, а средна оценка е 3,93. Споредено со 2019 година, оценката тогаш изнесувала 3,69. Албански јазик и литература полагале 3873 ученци и нивната средна оценка изнесува 3.59, за разлика од 2019 кога изнесувал 3,85. Турски јазик, пак, полагале 253 и кај нив средниот успех изнесува 3,57, или 3,73 споредено со 2019.
Во однос на странските јазици, англиски јазик полагале дури 13 033 матуранти. Среден успех по овој испит е 2,82, за разлика од 2019 година кога успехот тогаш изнесувал 3.07. Француски јазик полагал само 31 ученик и овде средната оценка изнесува 4,58, споредено со 2019 година кога изнесувала 4,61. Германски јазик полагале 135 присутни кандидати и нивниот среден успех изнесува 4,56 за разлика од 4,41 во 2019. Руски јазик полагале 18 матуранти, при што нивната средна оценка изнесува 4,78 за разлика од 2019 кога покажале успех од 4.07.
Математика годинава полагале 1510 матуранти и нивниот среден успех изнесува 4.07, што е подобар во споредба со резултатот од 3,66 во 2019 година. Филозофија, пак полагале само 13 ученициц и нивниот среден успех е 4,23, или значително подобар од 3,89 во 2019. Покрај ова, се полагаше и естетика меѓу 63 ученици, чиј среден успех изнесува 4.03 за разлика од 2019 кога изнесувал 4.38.
Резултатите од екстерните испити денеска ќе бидат поставени на огласните табли на училиштата, како и на веб-страницата matura.gov.mk
Секој ученик ќе може преку електронски систем и своја лозинка да пристапи до својот резултат од двата екстерни испити што ги избрал да ги полага.
Копирале текстови од интернет за есеј
Една од забелешките кои ги пренеле оценувачите за испитите по странски јазици е дека голем број ученици пишувале цели текстови или делови од текстови презмени од интернет. Наумовска претпоставува дека учениците ги учеле напамет.
Секој тест на матурантите го проверуваа 3 независни оценувачи. Тие имаат можност, особено за странските јазици преку компјутер да ги проверуваат податоците, особено есеите, посочи Наумовска.
„Препишувањето, копирањето на цели текстови од интернет, особено на англиски јазик не е дозволено и тука оценувачите беа строги во оценките“, забележа таа.
Двајца ученици пријавиле отсуство од матура поради изолација
Само двајца ученици пријавиле дека се спречени да полагаат матура поради изолација. Едниот од нив се јавил во дополнителниот рок на испит, а останатите кои треба да поправно да полагаат, ќе имаат можност тоа да го направат на 12 и 13 август.
Од денес тече рокот за доставување приговор за матурата, посочи Наумовска. Учениците имаат три дена за да се пожалат во однос на оценувањето. Новина годинава е тоа што ученците преку matura.gov.mk може да најдат формулари како треба да ги достават приговорите, а ќе бидат прикачени и самите тестови неодговорени, за да ги прегледаат прашањата. Учениците треба да ги достават приговорите до своето училиште, па оттаму ќе бидат доставени до Државниот испитен центар.
Формирани комисии во ДИЦ од среда ќе работат на приговорите, а на 12 јули ќе бидат соопштени конечните резултати. Оние кои нема да достават приговор, ова се конечни резултати. Цената на приговорот е 1500 денари.
„Не е тоа за ЦИД да печали пари, туку да го намалиме бројот на неосновани приговори ако е бесплатно. Колку повеќе неосновани приговори пристигнат, толку повеќе време им треба на оценувачите да прегледаат“, забележа Наумовска.
Сепак, тие ќе дадат шанса на оние кои и по конечните резултати се сомневаат во оценувањето, да се пријават на телефонските броеви на ДИЦ за на 14-ти јули да имаат директен увид на тестот со комисијата.
Нов концепт на матура во најава
„И покрај несогласувањата кои се појавија на почетокот, успеавме заедно со помош и поддршка од Владата и Сојузот на средношколци да изнајдеме заеднички прифатливи решенија за реализација на државната матура“, рече Наумовска.
„Се што беше ветено, беше реализирано. Меѓутоа знам дека и матурантите она што го ветија дека ќе учат и ќе покажат подобар успех, го постигнаа“, додаде таа.
Наумовска им порача на матурантите да ги подготват своите документи за запишување на некој од факултетите. Најави дека периодов следува дебата за тоа каква матура им е потребна на учениците. Од ДИЦ очекуваат дека наскоро ќе излезат со нова концепција за матура која во наредните години после пилотирање ќе биде импрелментирана за попрецизни и објективни, но и подобри резултати од идните матуранти.
Е.П.