Околу 20.000 матуранти денеска и во петок полагаат екстерен тест, а комбинацијата од два предмети што ги полагаат беше објавена во неделата. Со екстерното ќе бидат проверени и околу 3.000 професори.
Ова е втора година откако во Македонија се воведе овој вид тестирање, но прва за матурантите бидејќи со првичниот предлог тие беа исклучени од екстерното поради фактот што на крајот на годината мора да полагаат завршен матурски испит.
Новина годинава е и тоа што Министерството за образование ги објави прашањата кои ќе бидат поставени за време на испитите. За матурантите беа подготвени околу 60.000 прашања, подредени по предмети и наставни насоки. Во врска со нив до надлежните стигнале 720 коментари, од кои МОН прифатило забелешки за 151 прашањe и тие се коригирани појасни министерот Спиро Ристовски.
Како што веќе објавија од Министерството, до крајот на месецот ќе се објави ранг листа на професорите чии оценки за учениците најмногу отстапувале од оние на екстерното тестирање.