Полагањето на државната матура за средношколците како концепт треба да се задржи, но да се осовремени и да се адаптира согласно новите технолошки трендови, потребите и барањата на пазарот на труд. Приемниот испит на факултетите, сепак, е неопходен за валоризирање квалитетот и нивото на знаење на ученикот. Реформирањето на државната матура не е едноставен процес, но доколку се вклучат сите засегнати страни, ќе се изработи долгорочна стратегија за образованието на новото време, односно за образованието кое е потребно за иднината – ова беше истакнато да вчерашната дебата на тема „Државна матура или приемен испит на факултет?“, организирана од Американскиот универзитет на Европа – ФОН (АУЕ-ФОН).
Како што пренесе Мета.мк, на дебатата учествуваа поранешни министри за образование и наука, професори од средни училишта и од државните универзитети, како и претставници на средношколците.
Поранешниот министер за образование и наука, Никола Тодоров оцени дека државната матура и поранешниот концепт за полагање на приемен испит на универзитетите имаат свои предности и слабости, но и можности за „провлекување преку врски“.
„Доколку учениците имаат квалитетни знаења кои се компетитивни со нивните врсници во светот и доколку постои систем кој гарантира релативно изедначен критериум за оценување, тогаш ирелевантно е дали ќе преовлада концептот на државна матура или концептот на полагање на приемен испит. Но и обратно, доколку нивото на знаење е ниско, а оценките кои ги добиле учениците на државната матура не соодветствуваат со нивото на знаење, тогаш и да се промени концептот, повторно ќе добиеме ист негативен резултат. Работите нема да се променат ако се промени начинот на тестирање, без притоа да се промени клучниот фактор, а тоа е квалитетот и нивото на знаење на ученикот во услови на стандардизиран критериум за оценување“, истакна Тодоров.
Државната матура како завршен дел на средното образование има за цел да послужи и за селекција на кандидатите за запишување на високото образование. Одлуката за прием на кандидатите, пак, факултетите ја носат исклучиво врз основа на успехот од средно училиште и резултатите од државната матура, рече Соња Геговска – Зајкова, професорка на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
„Испитната програма многу често не соодветствува со потребите на високото образование. Дополнително, постои можност за упис и на кандидатите кои на државната матура полагале предмети кои се несоодветни за студиската програма на која конкурираат. Како резултат на тоа, во прва година на факултетите се случува да се запишат студенти кои не ги поседуваат соодветните предзнаења и имаат сериозни потешкотии во следењето на наставата. Приемните испити би овозможиле надминување на овие недостатоци“, истакна Геговска – Зајкова.
Директорката на СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, Маса Салиу, рече дека го преферира приемниот испит затоа што секоја високообразовна институција е најкомпетентна да одреди ниво на минимум потребни предзнаења за продолжување на образованието кај нив.
„Од друга страна, заокружување на средното образование како форма мора да се задржи, макар и како државна матура, но со модификации. Вака како што е поставено, еве со тривијален пример – непознавањето на стих од Бодлер може да ограничи ученик од средно медицинско да се запише на факултет за медицина. Секако дека генерички знаења се потребни, па затоа тестовите треба да опфаќаат поопшти познавања. Факт е дека стандардизираните тестови одредуваат најмногу кои ученици се добри во решавање таков вид тестови и не нудат вистинска, комплетна слика за способностите на ученикот“, рече директорката Салиу.
Генералниот секретар на Сојузот на средношколци, Влатко Стојкоски, се согласи оти државната матура е подобро решение од приемните испити, но рече дека потребно подобрување на концептот. Сојузот смета дека треба итно да се донесе новата концепција за државната матура која ја зголемува сериозноста, ригорозноста и екстерноста на овој мошне сериозен процес.
Извор: Мета.мк