МЕД: Храна наместо огномет за птиците

Петардите, огнометот и фенер балоните, кои традиционално се користат за време на новогодишните празници, претставуваат сериозна закана за животните, а особено за птиците, велат од Македонското еколошко друштво (МЕД).

„Научните студии покажуваат дека овие активности предизвикуваат стрес, дезориентација и често ги загрозуваат нивните животи. Веруваме дека ние, како луѓе, можеме да направиме повеќе и подобро за да ја заштитиме природата и нејзините жители. Постои нешто што не е штетно, а во претстојните зимски денови ќе ви предизвика насмевки вам и на вашите најмили“, соопштува МЕД.

Од таму посочуваат дека во ладните зимски денови, особено кога температурите паѓат под нулата и има снежна покривка, птиците имаат потешкотии да најдат храна во околината.

„Поставете хранилки за птици на вашите балкони и дворови. Сè што е потребно се непечени кикирики, суво овошје, непечени семиња – сончоглед, семки од тиква, пченица. Птиците ќе бидат ваши редовни гости кои ќе ви го разубавуваат зимското секојдневие. Покрај гулабите и врапчињата, ќе ве посетуваат сипки, можеби ѕвингалки, клукајдрвци и дроздови…“, се вели во соопштението на МЕД.