Ископот и поставувањето на темелите околу малата депонија во ОХИС се завршени, а следна фаза е поставување на метална конструкција и безбедносен шатор во кој ќе се врши ископ на линданот, информираат од Македонскоро еколошко друштво (МЕД).
Од таму објаснуваат дека досега имало активности за подготовка и расчитување на теренот, обуки за персоналот, обезбедување механичка опрема, анализа на почвата, но и нејзина сепарација и пакување.
„Активностите поврзани со ископот и поставувањето на темелите се веќе завршени и за нивното спроведување беше потребен временски период од приближно 50 дена. За самите темели се ископани ровови во кои е поставена тампонирана подлога од чакал и метална арматура и истите беа залевани со бетон, постапка што во следниот период ќе обезбеди потребна цврстина и стабилност на надземната метална конструкција и шаторот. На северниот ров каде активностите граничат со големата депонија, спроведено е дополнително заврстување на ѕидот на оваа депонија“, соопштуваат од МЕД.
Со поставувањето на безбедносниот шатор кој овозможува работа во услови со негативен притисок, завршува подготвителната фаза. Според МЕД, условите и одржувањето на негативен притисок во шаторот нема да дозволат излез на ситните честички прашина од местото на ископ на контаминираниот материјал од депонијата, со што ќе се превенираат несакани емисии во воздухот.
„На поставувањето на шаторот во текот на февруари ќе претходи поставување на металната конструкција. Динамиката на овие активности ќе зависи од поволноста на временските услови. Досега работата на изведувачот ПОЛИЕКО, освен од Државниот инспекторат за животна средина е следена и од супервизорската компанија TAUW. Во оперативната фаза изведувачот ПОЛИЕКО ќе спроведе обуки на персоналот за ископување и ракување со отпад од HCH, процес на ископување, пакување, складирање и реставрација на локацијата“, соопштува МЕД.
Завршна фаза на целиот процес е делот на транспортирање на отпадот до објекти за конечно отстранување од земјата, преку соседна Грција до Франција и Холандија, каде ќе се спроведе дополнително согорување или ремедијација на отпадните материи и почва.
„Во сите фази на процесот на чистење, независно од изведбата на вработените и ангажираните лица од страна на фирмата изведувач ПОЛИЕКО, ќе се спроведува активно следење на состојбата на животната средина преку следење на квалитетот на изведбата, квалитетот на воздухот и следење на квалитетот на подземните води. Сите податоци ќе бидат објавени во јавност по завршувањето на мерењата во текот на отстранувањето на линданот, а деталите околу истражувањата ќе бидат споделени и на јавни дебати“, велат од МЕД.
МЕД во рамките на проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, спроведува активности за подигнување на јавната свест за значењето и влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина.
Проектот е финансиски поддржан од Глобалниот еколошки фонд (GEF), имплементиран преку УНИДО и се спроведува во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина.
Инаку, двете депониите со линдан во кругот на фабриката ОХИС се на врвот на списокот на т.н жешки еколошки точки во Македонија, првично дефинирани во 2005 година. Инвентарот дојде по декади индустријализација, засилено експоатирање на природните ресурси и неконтролирано управување со опасен отпад од металуршката, хемиската индустрија и од термоцентралите, кои оставија загадени локалитети и депонии.
Радио МОФ веќе неколку пати пишуваше за опасниот линдан во ОХИС. Тој е наследство од депонирање пестициди, опасни неразградливи органски полутанти. Кога ќе појдете таму, уште е присутен непријатен мирис. Прашината од двете депонии се шири низ Пинтија, Кисела Вода и цело Скопје. Во поголемата има натрупано околу 30.000, додека во помалата 10.000 тони земја со линдан. Загадени се подземните води и почвата, но локалитетот е контаминиран и со хлор, жива и со други загадувачи. Засега само се третира малата депонија.