Документарецот Медена земја, на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, се наоѓа на 8-мото место на листата на најдобри филмови за 2019 година која ја прави интернет-сајтот за филмски критики „Rotten Tomatoes“.
Листата се надополнува секоја недела, а македонскиот филм добил дури 99% позитивни критики од критичарите на интернет-страницата, додека сите топ-критичари дале позитивна оценка за документарецот во кој е прикажан животот на Атиџе Муратова, една од последните одгледувачи на диви пчели во македонско овчеполие.
„Ова е еден од најдобрите филмови годинава… Одново и одново, додека го гледав, се прашував – како го снимиле овој кадар?“, вели топ-критичарката Кристи Лемир, од „FilmWeek“.
„Елегантен филм… почнува како интимен портрет на плечарката која прави славно убав мед, а потоа се проширува во парабола“, вели во својата критика Џон Пауерс од NPR.
„Медена земја е истовремено продлабочено доживување и неспорно прекрасна рефлексија на нашиот однос кон природата“, вели Моника Кастиљо од RogerEbert.com.
На листата на „Rotten Tomatoes“ се наоѓаат вкупно 120 филмови од оваа година. Меѓу нив и некој од најголемите холивудски блокбастери како Авенџерс и Капетанка Марвел, но и филмови како „Павароти“ на Рон Хауард и „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино.
На првото место на листата се наоѓа корејскиот филм „Паразит“.