Владата на Република Северна Македонија на синоќешната седница донесе повеќе заклучоци за оддавање достојно признание на авторите на филмот „Медена земја“, кој по серијата највисоки меѓународни филмски признанија, е номиниран за највисоката филмска награда „Оскар“ во две категории.
Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на филмот „Медена земја“ за сите средни училишта во земјата, на Универзитетите и во домовите на култура, за широка афирмиција на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот.
Од владината прес-служба соопштија и дека канцеларијата на претседателот на Владата презела обврска, во соработка со продуцентите на филмот, да организира бесплатно емитување на филмот за граѓаните во кината, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик.
Покрај ова Министерството за труд и социјална политика е задолжено да ги преземе сите потребни активности со кои ќе обезбеди материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот, а Министерството за култура да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на пет-члената екипа која го сними филмот, која треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.
Владата упати и препорака до Агенцијата за филм да организира настан за улогата на владината агенција и фер распределбата на буџетските средства за поддршка на македонски филмови, и на прес-конференцијата да се поканат и продуцентите односно филмската екипа.
Како дел од одлуките за признание за авторите и протагонистите на филмот „Медена земја“, Владата ги задолжи Генералниот секретаријат, во соработка со Агенција за филм и Канцеларијата на претседателот на Владата, да ги преземат патните трошоци околу патувањето на петчлената филмска екипа и протагонистката на доделувањето на Оскарите.