Од денеска почнува гласањето за потеснaта листа на филмовите конкуренти за номинација за „Оскар“, меѓу кои е и македонскиот документарец „Медена земја“.
Американската академија гласа од 2 до 7 јануари, а на 13 јануари ќе се знае дали „Медена земја“ ќе добие номинација и официјално ќе влезе да се натпреварува за 92-рото издание на наградите „Оскар“. Оскаровската вечер е закажана за 9 февруари во Холивуд.
Како што претходно соопшти Американската филмска академија, „Медена земја“ е влезен во потесниот избор од 15 остварувања за категоријата „Документарен филм“. Исто така, филмот останува во конкуренција за номинација меѓу десетте филмови во категоријата „Меѓународен филм“.
Филмот „Медена земја“ и кинематографите Самир Љума и Фејми Даут веќе ја добија наградата за најдобра кинематографија на Меѓународните документарни награди во Лос Анџелес. Документарецот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја доби и наградата „Паре Лоренц“ овој фестивал ја доделува за „давање пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“.
Македонскиот филм „Медена земја“ беше прогласен за најдобар филм во 2019 година од страна на Друштвото на њујоршки филмски критичари, но и од престижниот весник „Њујорк Тајмс“ кој го стави на врвот на листата на најдобри филмови годинава. Филмот изминатава година освои бројни признанија во Европа и светот.