Филмот „Медена земја“ и кинематографите Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата за најдобра кинематографија на Меѓународните документарни награди, кои синоќа се одржаа во Лос Анџелес.
Документарецот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја доби и наградата „Паре Лоренц“ која фестивалот ја доделува за „давање пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“. „Медена земја“ беше номиниран уште во две други категории, за најдобар филм, каде победи сирискиот „За Сама“, како и во категоријата за најдобра режија, каде триумфираше режисерското дуо Стивен Богнар и Џулија Рајхерт од филмот „Американска фабрика“.
The captivating portrayal of nature and humanity through Macedonian beekeeping in @HoneylandDoc wins this year’s Best Cinematography Award! #IDADocAwards pic.twitter.com/itfS09U2Q7
— The IDA (@IDAorg) December 8, 2019
Congrats to this year’s Pare Lorentz winner @neonrated’s @HoneylandDoc!! pic.twitter.com/jy0PVu4vXs
— The IDA (@IDAorg) December 8, 2019
Наградите на Меѓународната асоцијација за документарни филмови се најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филмски жанр. Како што информираа од Асоцијацијата, оваа година имало вкупно 785 пријавени филмови, а рекордни 40 проценти од пријавените филмови биле неамериканска продукција или копродукција.
„Медена земја“ синоќа беше и меѓу петте филмови кои се тркаа за „Европскиот оскар“ на наградите на Европската филмска академија, кои се одржаа во Берлин, каде во категоријата за најдобар документарец победи филмот „За Сама“.
„Медена земја“ e македонски кандидат за Оскар во категоријата за најдобар странски филм. Номинациите за оскарите ќе бидат објавени на 13 јануари, а доделувањето на наградите е на 9 февруари.
Филмот, покрај другите награди имаше голем триумф на фестивалот во Санденс каде освои три награди – за најдобар документарен филм, за кинематографија и специјална награда од жири.