Регионалната конференција „Независното новинарство е важно“, во организација на проектот „Media for All“, се одржа на 9 и 10 март во Тирана. Во текот на овие два дена, повеќе од 100 новинари, уредници, меѓународни и регионални експерти и претставници учествуваа во дискусии и панел-дискусии.
Преку разни интерактивни сесии, конференцијата беше фокусирана на прикажување приказни и перспективи на жените и младите во медиумите од Западен Балкан.
„Новинарите и новинарките ги споделија нивните искуства и приказни за влијанието на проектот постигнато преку обука, менторство и вмрежување и ги истражуваа основните вредности на професионалците од медиумите на локално и меѓународно ниво. Покрај интегритетот, веродостојноста и заштитата на човековите права, беше истакнато дека солидарноста, соработката и емпатијата се од суштинско значење за подобрување на статусот на жените и младите во редакциите и пошироко“, информираат од Британскиот совет.
Од таму посочуваат дека конференцијата претставуваше и можност да се истакнат важноста и достигнувањата на медиумите учесници, сериозно посветени на постојано практикување на етичкото новинарство во најдобар интерес на нивните заедници, и покрај предизвиците со кои секојдневно се соочуваат како мали локални медиуми.
„Проектот ‘Media for All’ овозможи поддршка за 139 локални медиуми ширум Западен Балкан во период од три години. Помогна да се изградат вештини, капацитети и издржливост на независните медиуми и оснажи повеќе од 1.600 професионалци од медиумите да произведуваат квалитетни, релевантни и родово-сензитивни содржини, што вклучуваат нова и недоволно застапена публика, вклучително жени, млади луѓе и маргинализирани групи – тие заедно достигнаа публика од 17 милиони луѓе на интернет“, посочуваат од Британскиот совет.
Програмата „Media for All“ ја финансираше Владата на Обединетото Кралство, а ја спроведе конзорциум воден од Британски совет, во партнерство со Фондацијата „Томсон“, БИРН и ИНТРАК. Конференцијата во Тирана беше организирана во партнерство со проектот „Media for Youth“ на Британски совет.