Повеќе новинари и медиумски организации започнаа да се повлекуваат од глобалната конференција за иновации во Саудиска Арабија по исчезнувањето на Џамал Кашоги, саудиски новинар на кој му се губи секаква трага од 2 октомври.
Учеството на медиумите на Иницијативата за футуристички инвестиции, која ќе се одржи во Ријад од 23 до 25 октомври, беше критикувано по информациите дека Кашоги, кој е познат критичар на кралското семејство во Саудиска Арабија, бил убиен во саудискиот конзулат во Истанбул.
Весникот „Вашингтон Пост“, за кого известувал и Кашоги, објави дека наводно постојат аудио и видео-снимки кои докажуваат дека исчезнатиот новинар пред една и пол недела бил убиен во саудискиот конзулат. Според изворите на весникот, снимките покажуваат како саудиски безбедносни службеници го фаќаат Кашоги, го испрашуваат, мачат, го убиваат и го касапат неговото тело.
Властите на Саудиска Арабија негираат било каква вмешаност во исчезнувањето на новинарот.
„Ужасно сум потресен од исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги и извештаите за неговото убиство. Решив да не учествувам на конференцијата во Ријад“, напишал на Твитер Ендру Рос Соркин, колумнист на Њујорк Тајмс.
Сопственикот на Лос Анџелес Тајмс, Патрик Сун Шионг, исто така одлучил да го пропушти настанот, а од Њујорк Тајмс посочиле и дека се откажале од нивното медиумско спонзорирање на конференцијата.
На настанот нема да учествува и британскиот Економист, потврдил уредникот Зани Минтон Бедос.
Другите големи медиумски куќи од САД, како ЦНН, НБЦ и Фокс изјавиле дека сè уште не донеле конечна одлука дали ќе учествуваат на конференцијата.
Иницијативата за футуристички инвестиции се одржува втора година и на неа учествуваат бројни бизнис лидери, инвеститори, познати личности и претставници на медиумите. Конференцијата е под покровителство на кралското семејство од Саудиска Арабија.
Кашоги повеќе од една година е во политички егзил во САД, стравувајќи од политички прогон. Новинарот ги поздрави реформите во Саудиска Арабија од страна на престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман, но продолжи да го критикува неговото автократско владеење.