Медиумите наоѓаат нови начини за одржување на независното известување и одбрана од закани кои ја поткопуваат и задушуваат нивната работа, се вели во извештајот објавен на 21 јуни од организацијата Фридом Хаус, јавува Радио Слободна Европа.
Додека медиумската индустрија во Европа е погодена од финансиска несигурност, технолошки промени, ерозија на довербата на јавноста и закани од моќни политички и деловни интереси, медиумите се засилени за да ја одбранат својата независност и да испорачаат квалитетно новинарство.
Ова се наведува во извештајот кој ги прикажува притисоците со кои се соочуваат новинарите во шест земји членки на Европската унија (ЕУ) – Естонија, Франција, Германија, Унгарија, Италија и Полска, и како тие реагираат додека ја бранат не само својата професија, туку и демократијата, како целина.
„Тековните предизвици со кои се соочуваат новинарите и медиумите ќе бараат соработка, меѓусекторски решенија“, рече Џесика Вајт, авторка на извештајот и виш истражувачки аналитичар за медиуми и демократија во Фридом Хаус.
„Ова е критичен момент за Европската комисија да се осврне на слободата на медиумите и да бара одговорност од земјите-членки на ЕУ за систематски напади врз независните медиуми и медиумскиот плурализам“, додаде таа.
Според Фридом Хаус, весниците се борат со големи структурни предизвици кои ја слабеат нивната способност да работат на солидна финансиска основа и да го бранат новинарскиот интегритет. Економските притисоци ги попречуваат инвестициите во разновидна содржина и квалитетно новинарство, публиката се префрла на платформите на социјалните медиуми, а медиумите го губат кредибилитетот поради зголемената поларизација и недоверба.
Фридом Хаус истакнува дека новинарските куќи развиваат алтернативни бизнис модели и се повеќе се осврнуваат кон својата публика за да финансираат независно известување.