Институтот за комуникациски студии (ИКС) во вторник во 10:00 часот во Холидеј ин организира дебата на која ќе биде презентиран документот за јавна политика „Медиумите во Македонија: заштитници на јавноста или заложници на политичките интереси“.
„Целта на овој документ е да понуди систематско разбирање и споредбена анализа на улогата на медиумите во заштитата и унапредувањето на јавниот интерес во Република Македонија. Во него се анализира начинот на кој медиумите во Македонија го третираат јавниот интерес и дали воопшто го земаат предвид при известувањето.
Анализата се осврнува на случаи од практиката во Македонија каде што медиумите известувале за теми и прашања од јавен интерес, и на дел од праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Документот понатаму го анализира медиумското законодавство на Македонија, но се осврнува и на поважните правни акти од областа во ЕУ. На крајот, нуди препораки за зајакнување на улогата на медиумите во заштитата на јавниот интерес во Македонија.
На дебатата ќе биде дискутирана улогата на приватните медиуми во штитењето на јавниот интерес, како медиумите во Македонија го третираат јавнот интерес во известувањето, а дел од дискусијата ќе биде насочена кон пренесување на меѓународни искуства околу улогата на медиумите во штитењето на јавниот интерес“, се вели во најавата за настанот.
Дебатата и документот се реализираат во рамки на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија“, имплементиран од ИКС.