Независно дали доаѓаат од социјалните мрежи, од некои проблематични онлајн медиуми или инфлуенсери, дезинформациите се постојано присутни. Насекаде. Дезинформациите знаат да им направат забуна на младите, па затоа е потребно тие да одржуваат дигитална „хигиена“, а на подолг рок да создадат и индивидуелен „филтер“ преку подобро сфаќање на концептите на медиумската писменост.
Обичниот консумент е секојдневно „бомбардиран“ од информации. Од една страна, ја имаме таа хиперинформираност преку десетиците видови медиуми, социјални мрежи и комуникациски платформи. Информациите го надминуваат капацитетот на мозокот да ги обработи. Затоа голем дел од нив се следат површно, или се чита насловот, а многу од медиумите се „адаптираат“ со кратки „фаст-фуд“ содржини или километарски наслови за да „кажат се’“. Фокусот, истовремено, се’ повеќе е на борбата за кликови, а не за квалитет.
Од друга страна се дезинформациите поврзани со секојдневието, храна, козметика, вакцини, за политички случувања, претседателски трки или војни. Па, работата е секој да научи и препознае што „јаде“ кога чита и гледа. Исто како кога оди во продавница, да препознае дека јогуртот е расипан или со поминат рок. Или кога оди да купи „Адидас“, да знае дека некој не му подметнува „АдиБас“. Или кога скрола на Инстаграм, да може критички да анализира сомнителни постови.
Токму тука доаѓа важноста на медиумската писменост.
„Филтер“ уште од најмала возраст
Весна Никодиновска е дел од тимот на Македонскиот институт за медиуми, (МИМ) кој заедно со партнерски организации и институции преку проектот „Млади размислуваат“ од 2021 година почнаа да ја внесуваат медиумската писменост во основното образование.
Никодиновска објаснува, засега медиумската писменост во основните школи почна да се имплементира како дел од предметите мајчин јазик, информатика, општество, граѓанско општество, етика. Притоа, неодамна беше промовирана и Рамка, документ што ги содржи наставните програми од 1 до 9 одделение.
„На почеток во пониските одделенија учат за медиуми, видови на медиуми и медиумски пораки. Понатаму, учат за онлајн и офлан реалност, кои се разликите меѓу онлајн и офлајн реалноста. Учат да разликуваат традиционални, дигитални, социјални медиуми, кои се предностите и недостатоците, и опасностите кои постојат на социјалните медиуми. Во погорните одделенија веќе почнуваат да се занимаваат со концептите на дезинформации, проверка на информациите, практична примена…“, посочува таа.
Целта е младите да стекнат вештини, алатки, отпорност од дезинформации. Да излезат од својот информациски „меур“ и анализираат пораки од разни извори.
„Потребно е младите тие медиумски пораки да ги проценат, да донесат некој суд, став за нив. Да можат самите да креираат, сами да се најдат во улога на креатори на медиумски содржини што всушност во денешно време секој од нас практично е креатор на некаква медиумска содржина, без оглед дали стиснуваме ‘лајк’ на Фејсбук-статус, дали пишуваме ‘твит’, дали споделуваме некоја содржина“, нагласува Никодиновска.
Иако младите се прилично вешти во дигиталниот свет, сепак, им недостига животна мудрост, искуство и вештини за критичко опсервирање.
„Е, тука доаѓа улогата на самиот наставник. Значи, наставниците не се наставници коишто застануваат пред училницата и екс-катедра предаваат тоа што е во учебникот. Туку, улогата на наставникот е да ги насочува учениците. Значи, да ги води низ целиот овој едукативен процес. Да им помогне и да ги поттикне да истражуваат, а особено да поставуваат прашања. Учењето веќе не е учење напамет. Туку учење како да се анализираат сите тие информации што стигнуваат до нас“, потенцира Никодиновска.
Транзиција од основно во средно школо
МИМ и партнерите лани работеа со околу 3.500 наставници, а од септември се обучуваа уште 8.500. Од следната година, медиумската писменост поинтензивно влегува и во средно школо. Тоа значи, ќе треба паралелна работа и со наставата, и со професорите.
„Мислам дека дефинитивно им се потребни развивање на нови компетенции, a истото ни се докажа кога беше корона кризата. Имавме онлајн настава и видовме дека многу од наставниците имаа потешкотии во снаоѓање со тие дигитални алатки. Тоа, претпоставувам се должи и дел на медиумската писменост“, вели Леона Змајшек, претставничка на Сојузот на средношколци.
Мора да се размислува и на модернизација на образованието. Иако Владата во повеќе официјални документи од последните 3 години наговестуваше креирање Национална стратегија за дигитализација на образовниот систем, истата сѐ уште не е достапна за јавноста.
Според Змајшек, смарт-табли постојат само во поголемите гимназии во Скопје. Во останатите градови речиси ги нема, вели таа, па наставата е пасивна и досадна за учениците.
„Дигиталните медиуми ни се меч со две острици. Од една страна е многу полесно да не’ изманипулираат, меѓутоа од друга страна сите услуги ни ги нудат многу побрзо и на многу полесен и подостапен начин. И, таа добра страна сметам дека треба да ја искористиме во училиштата. Не само преку истражување и правење презентации, проекти, што-и-да-е преку дигитални уреди, меѓутоа и преку начинот на наставата. Во ‘Орце Николов’ пример, каде што учам јас, сега имаме телевизори и смарт-табли речиси во сите училници и навистина тоа е поинтерактивен начин на настава, а и полесен и за наставниците и учениците. Така што, охрабрувам да се направат и останати такви реформи“, апелира Змајшек.
Таа смета, медиумската писменост може да се имплементира како дел од поголем предмет. Меѓутоа, во секој случај треба да се воведе и нов средношколци предмет.
„Конкретно, од Сојуз на средношколци имаме поднесено барање за имплементација на нов предмет, кој ги опфаќа финансиското образование, граѓанското образование, дебата и говорништво, и медиумската писменост. Така што, мислам дека тој начин би бил најефикасен, а за да не дојде до преоптоварување на системот, мислам дека треба да се направи ревизија на останатите предмети и отфрлање на некои содржини коишто се, да речам, застарени, за да можеме едноставно да бидеме во чекор со времето“, потенцира средношколката.
Медиумската писменост како изборен предмет на факултет
На осум факултети веќе се развиваат модули и предмети за медиумската писменост. Пример, од следната година ќе им биде достапна за изучување на студентите како изборен предмет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Професорката Кристина Николовска од Катедрата за општа и компаративна книжевност, за Радио МОФ вели дека се’ уште се во фаза на подготовка.
„Ги знаеме клучните теми и текстови коишто ќе се работат, меѓутоа, медиумската писменост ќе биде предмет каде студентите ќе имаат можност како низ некаква работилница сами под мој надзор да дискутираат за проблемите во текстот, за пораките итн. Значи, наставата ќе биде повеќе насочена кон практичното и исто така ќе организираме посети на традиционални медиуми, за да имаат овие студенти некаков увид во тоа како се создаваат вестите, да речеме. Ќе се обидеме и да покриеме и некои аспекти врзани за фотографија, за вистината и лагата коишто се во навистина комплициран однос во други медиуми. Фотографија, филм, книжевност, театар – така што ќе има повеќе области“, вели Николовска.
Предметот ќе биде достапен за студентите од сите катедри на Филолошкиот факултет и ќе трае еден семестар. Николовска посочува дека досега работеле на контекстите каде се конструираат наративи, без разлика дали се тие националистички, хомофобични, трансфобични итн. Оттука, во наставата ќе се обидат на студентите да им пренесат пошироко разбирање за пораките, како тие се создаваат и во крајна линија кои се општествените услови во кои, како што вели, дезинформациите цветаат.
„Сигурна сум дека ќе биде интересно, бидејќи како што велеше еден наш колега: ‘Медиумската писменост е толку интерактивна што не може да биде здодевна’, меѓу другото и затоа што се занимава и со работи коишто секојдневно нѐ измачуваат и кои се однесуваат на информациите што во моментот се актуелни“, истакнува професорката.
Според Александар Николовски, студент на постдипломски студии на Економскиот факултет и актуелен претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, студентите се изложени на дезинформации, особено за теми што ги засегаат.
„Доколку се случи некое прашање поврзано со мерките за студентите тие може многу брзо да се кренат, бидејќи сакаме брзо решавање на работите, имаме голем ентузијазам, енергија и како млади сакаме сѐ одеднаш да биде решено. Кога би биле подобро медиумски образовани, реакцијата би била посталожена, би можеле да ги решиме работите на помирен начин со дискусија, разговор и добри предлози и мерки“, нагласува Николовски.
Додава дека медиумската писменост може да придонесе и за креирање на критичка мисла кај студентите, односно, како што вели, не само да примаат информациии, туку и да креираат и да даваат мислење на прашања од интерес на студентите.
„Како предмет сметам дека треба да биде достапен, но исто така поради административни процедури при креирање на програмите, знаеме дека тие подложат на акредитација можеби е добро медиумската писменост да биде дел од веќе некој постоечки предмет, или да се воведе како изборен предмет. А, секако ние тука како УСС и јас како член на УРА (Учиме да распознаваме) тимот, којшто се залага за медиумска писменост, ќе бидеме тело коешто ќе допринесеме на неформален начин медиумската писменост да се развие кај студентите преку настани и работилници“, вели студентскиот лидер на УКИМ.
За првпат е воведен индекс на медиумска писменост
Истражувачките Елеонора Серафимовска и Јорданка Черепналкова Трајкоска сметаат дека отпорноста на секоја индивидуа на разорната моќ на дезинформациите – мора да стане еден од главните приоритети во образованието.
Преку истражувањето „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“, тие се осврнаа токму на медиумската писменост како клучна алатка во борбата против дезинформациите. Истражувањето се разликува од сите други по тоа што во него за првпат е направена соодветна скала за мерење на медиумската писменост и индекс на медиумска писменост.
„Да се биде медиумски писмен, особено онлајн, е од фундаментално значење за тоа како луѓето се однесуваат како потрошувачи, корисници и ‘дигитални’ граѓани. Централната улога што ја игра медиумската писменост на интернет, исто така, има импликации врз останатите сфери во живот на луѓето. Ова вклучува овозможување на корисниците да учествуваат во јавниот живот, да гласаат на избори, да одржуваат здрави односи со другите, да пристапуваат и да примаат информации и критички да ги формираат и да ги изразуваат мислењата“, посочија истражувачките од „Симболикум“.
Во документот, медиумската писменост ја објаснуваат како конструкт од писменост за вести, свесност за постоење бариери во процесот на препознавање дезинформации, а има и активациска компонента: мотивираност за следење вести и мотивираност да се научи што се дезинформации.
Како ранливи групи во истражувањето, меѓу другите, се вклучени и млади луѓе меѓу 18 и 28 години. Притоа е направен теоретски профил на медиумски писмени индивидуи.
(Дез)информирање низ целата медиумска сфера
Ако се направи поширок поглед кон (дез)информањето и односот со медиумската писменост, може да се погледне истражувањето за Западен Балкан, објавено од Мировниот Институт од Љубљана и СЕЕНПН од Тирана. Тоа покажува силна поларизација на јавноста за изворите на информации што ги користат и им веруваат.
Полудовербата во медиумите кај граѓаните од регионот (со околу половина во БиХ, Србија и Македонија, или повеќе од половина во Косово, Црна Гора и Албанија на граѓани кои им веруваат на изворите на вести и информации) е во околности на финансиско и политичко мешање, како и недостаток на медиумски ресурси, со што се нарушуваат доверливоста и квалитетот на медиумското известување.
За илустрација, телевизијата е најупотребуваниот и најдоверлив извор вести и информации во регионот, но во исто време, многу од најгледаните телевизиски канали се полни со политичка пристрасност и пропаганда. Социјалните мрежи, пак, каде што наративите на омраза се најприсутни, се вториот најкористен извор на информации, а тоа бара подобри политики за промовирање легитимни извори и филтрирање на нелегални и штетни содржини.
Резултатите од истражувањето истовремено покажаа и голема недоверба во информациите споделени на социјалните мрежи. Тоа значи дека повеќето граѓани веруваат дека социјалните мрежи шират политичка пропаганда и дезинформации и омраза. Но, и покрај тоа, социјалните мрежи се популарни, бидејќи преовладува потребата за припадност, забава и вмрежување.
Сите овие причини треба да се решат преку идни интервенции за развој на медиумите, подобрување на интеракцијата меѓу медиумите и публиката, градење посилни заедници околу професионалните медиуми, но и зајакнета медиумска писменост во образованието.
Ангела Бошкоска и Бојан Шашевски
Техничка обработка на видео: Мартин Колоски
*Првиот и вториот дел од серијалот теми за дезинформации може да се прочитаат ТУКА и ТУКА.
**Сторијата е изработена од Радио МОФ во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.