Медиумската заедница зачудена од пресот на ЗНМ и Владата за Законите за медиуми

Новинарскиот синдикат, Македонскиот институт за медиуми и Центарот за развој на медиуми се изненадени и зачудени од вчерашниот заеднички прес на ЗНМ и Владата, на кој беше соопштена согласноста за усвојување на законите за медиуми.

Медиумската заедница зачудена од пресот на ЗНМ и Владата за Законите за медиуми

Трите медиумски организации велат дека воопшто не биле консултирани за ставовите кои вчера ги изнесе ЗНМ на пресот и информациите дека наводно ЗНМ постигнала договор со Владата за промени во предложениот закон, ги проследиле со изненадување.

Од Македонскиот институт за медиуми денеска соопштија дека тие остануваат на ставот дека законот за медиуми е непотребен и не ги решава клучните проблеми на медиумската заедница, туку напротив, има потенцијал да создаде нови. Додаваат дека се загрижени за можноста ваквиот тек на настаните дополнително да ја влоши медиумската состојба и да создаде уште поголем раздор во медиумската заедница.

„Изненадени сме од вчерашните изјави на Владата и на ЗНМ, и ја информираме медиумската заедница и јавноста дека за постигнатата согласност за усвојување на медиумските закони во итна постапка и во форма во која законите веќе се наоѓаат во собраниска процедура дознавме од медиумите. Вчудоневидени сме од најавата за дополнителни измени во законите, откако ќе бидат усвоени. Изјавите на вчерашната прес-конференција и искажаните ставови потоа се контрадикторни и создаваат дополнителна забуна“, велат од МИМ.

Новинарскиот синдикат исто така вели дека не бил известен и консултиран за намерите на ЗНМ да одржи заедничка прес конференција со министерот за информатичко општество на која е соопштена согласноста за усвојување на медиумските закони и тоа по итна постапка.

„Очекувањето за известување и консултација ССНМ го темели врз основа на тоа што досега четири организации, ЗНМ, ССНМ ,МИМ и ЦРМ се координираа за активностите поврзани со носењето на законите. Воедно информираме дека ССНМ не отстапува од ставот дека Законот за медиуми не ги решава клучните прашања. Сметаме дека тој отвора можност за нови проблеми во работата на новинарите и затоа сме против негово носење. Одговорноста за она што ќе следува ја гледаме на само во Владата, туку и во новинарските здруженија и оние кои вршеа притисок врз нив да дадат зелено светло за усвојување на Законот за медиуми“, се вели во реакцијата на Синдикатот.

Од Центарот за развој на медиуми пак, сметаат дека какви било разговори и преговори зад затворени врати и надвор од рамките на една сеопфатна јавна и транспарентна расправа, се неприфатливи и штетни за слободата на медиумите во Македонија.

„ЦРМ стои црвсто и непоколебливо на ставот дека на Македонија не и е потребен закон за медиуми и бара од Владата да го повлече предлог-законот кој се наоѓа во собраниска процедура. Евентуалното донесување на предлог-законот за медиуми, во предвечерјето на новогодишните празници, без притоа да се земат предвид ставовите и барањата на медиумската заедница која е против вакво законско регулирање на медиумската сфера, будат сомнеж дека намерите на власта не се добронамерни и дека нејзината цел е да ја зголеми контролата врз медиумите и новинарите. Ваквото однесување на власта дополнително ќе ги потврди констатациите на сите релевантни меѓународни организации дека во Македонија сериозно се загрозуваат слободата на изразување и слободата на медиумите“, велат оттаму.

Радио МОФ се обиде да го контактира и Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани во врска со последните случувања за Законите за медиуми, но тој е недостапен за коментар.

Претседателот на ЗНМ, Селмани вчера присуствуваше на заедничка прес конференција со министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, на која Ивановски најави носење на законите за медиуми.

По заедничката прес конференција на ЗНМ и Владата, на социјалните мрежи се појавија повеќе коментари и статуси од новинари и претставници на повеќе медиумски организации кои велат дека не биле воопшто информирани за ваквиот став на ЗНМ и се шокирани од начинот на кој ЗНМ постапува.

Порталот НОВА ТВ, објави изјава на член на Управниот Одбор на ЗНМ кој барал да остане анонимен, кој вели дека морало да има заедничка прес конференција со Владата, бидејќи имало „притисоци од странците“.

К.О.