Средношколци од повеќе училишта денес ја посетија редакцијата на Радио МОФ. Учениците се информираа за работата на медиумот и процесот на пишување вести со фокус на областите образование, активизам и екологија.
„Воодушевена сум од работата на медиумот и ми даде мотивација дека можам да направам некоја промена. Иако можеби сега не се чувствувам доволно моќно, сепак знам дека заедно со вас можам да направам промена“, вели Ана Плетварец, ученичка во четврта година прилепската гимназија „Мирче Ацев“ од Прилеп.
Таа заедно со своите соученици имаа можност да разговараат со новинарите од Радио МОФ и да ги постават прашањата кои ги имаа поврзани со нивната работа. Истовремено, заедно со радио техничарите, се запознаа со процесот на креирање радио емисија.
Посетата е дел од петтиот Медиумски ден кој го организира Институтот за комуникациски студии (ИКС). Како дел од него, 130 ученици од 14 чилишта од повеќе градови посетија повеќе национални и локални медиуми и се информираа за работата на новинарите и начинот на креирање вести, особено од областа на заштита на животната средина, екологија и климатски промени. По посетата во медиуми, тие се упатија кон вилата на претседателот Стево Пендаровски каде изворно ќе се запознаат со ингеренциите и активностите на претседателот за справување со предизвиците за климатските промени и заштитата на животната средина.
Медиумскиот ден се совпаѓа со иницијативата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) „Денови на медиумска писменост“, на која се приклучи и ИКС преку организирање на своите активности за унапредување на писменоста за вести и за дигиталната писменост.