Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги повикаа сите медиумски професионалци на протестен Марш за одбрана на новинарското достоинство во петок во 10:30 часот.
Медиумските организации велат дека на маршот, кој ќе започне пред зградата на Владата и ќе заврши кај Собранието, ќе се изрази незадоволството од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите и лошата социо-економска состојба.
„На маршот ќе бидат испратени пораки од претставници на ЗНМ и ССНМ, а ќе бидат доставени и следните барања до Владата и до Собранието – итно донесување на неопходните закони кои се важни за правата на новинарите и работата на медиумите и нивно доследно имплементирање, јавните функционери и политичарите да ги почитуваат новинарите и снимателите, крај на агресивниот државен пи-ар, поддршка за локалните новинари и медиуми, почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници, безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници“, посочија од ЗНМ и ССНМ.