Професионалните новинарски организации и граѓанските здруженија од медиумскиот сектор во Македонија категорично се спротивставуваат на, како што велат, обидите за враќање на државното рекламирање во медиумите пред изборите, спроведени преку скратена постапка и со злоупотреба на европското знаменце.
„Станува збор за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка кој е на второ читање во Собранието. Алармираме дека планираната измена на овој закон претставува сериозно нарушување на основните демократски процеси преку коja се загрозува улогата и независноста на медиумите и на медиумскиот регулатор“, реагираат организациите.
Посебни проблеми во ова, како што велат, несреќно законско решение се партиското влијание и зависност на медиумите.
„Воведувањето на државните кампањи во медиумите, особено во предизборен контекст, може да се толкува како обид за партиски поткуп и создавање на зависност на медиумите, што сериозно ја компромитира нивната независност и медиумскиот плурализам, а со тоа и изборниот процес кој следи“, посочуваат тие.
Понатаму, го споменуваат нарушувањето на медиумскиот пазар и на евро-интегративните процеси.
„Злоупотребата на европското знаменце и примената на скратена постапка за промена на законите за медиумите ја избегнува потребната парламентарна дебата, нарушувајќи ги принципите на отчетност и транспарентност и на избегнување на партиското влијание“, стои во реакцијата.
Меѓу другото, реагираат и дека се игнорирани критиките од експерти и меѓународни организации.
„Mедиумските експерти и меѓународните организации, повеќе пати, изразија сериозни забелешки на предложените законски измени, оценувајќи ги како несинхронизирани со ЕУ директивите и штетни за медиумскиот пејзаж и јавниот интерес во Македонија“, потсетуваат организациите.
Исто така, потенцираат дека има и противуставност на предложените измените.
„Дел од предложените измените се во директен судир со основните уставни права на слобода на изразување и информирање, создавајќи нееднакви услови на пазарот за различен тип на медиуми и поткопувајќи ги принципите на рамноправност и транспарентност“, забележуваат здружението организации.
Поради ова, бараат итно повлекување на предложените законски измени и апелираат до политичките партии да ги земат предвид нивните забелешки и предупредувања. Сметаат дека е крајно време да се формира Фонд за плурализам во медиумите, кој би поддржал квалитетно новинарство и разновидна програмска продукција во спротивност на државното рекламирање кое, велат тие, служи како алатка за политички влијание и контрола, како и да се земат предвид другите предложени можности како што е даночното ослободување за новинари и медиумски работници.
„Предложените решенија за кои се залагаме би овозможилe финансиска поддршка на медиумите без влијание на политичките агенди, обезбедувајќи рамнотежа и поддршка за независно и објективно известување, која е суштинска за здравата демократија и информираност на јавноста, а истовремено отвораат можност за воспоставување на механизми за гарантирање дека средствата ќе се користат и за подобрување и на квалитетот на новинарството и на социо-економската состојба на медиумските професионалци“, стои во реакцијата.
На јавното соопштение се потпишани Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонски институт за медиуми (МИМ), Институт за истражување на општествениот развој (РЕСИС), Институт за комуникациски студии (ИКС) и Центар за развој на медиумите (ЦРМ).