Медиумските слободи и вештачката интелигенција во фокусот на новите публикации на ЗНМ и ИЕП

Иницијатива за европска перспектива (ИЕП) во соработка со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера ги презентираа публикациите „Извештај за Кластер 1–Темелни вредности, со фокус на владеењето на правото и слободата на изразување, медиумските права и слободи и безбедноста на новинарите и медиумските работници“ и документот за политики –„Одговорно користење на ВИ во новинарството“

Авторот на публикацијата, Давор Пашоски, во својата презентација истакна дека медиумските слободи и независноста на новинарите се клучни за демократскиот развој на земјата и пристапниот процес кон ЕУ.

„Во таа смисла овој извештај дава детален преглед на состојбата во медиумскиот сектор и упатува на конкретни чекори за подобрување. Затоа особено важно е институциите, медиумските организации и граѓанското општество да соработуваат во процесот на унапредување на медиумската регулатива”, рече Пашоски.

Бенјамин Арифи кој е автор на анализата „Одговорно користење на ВИ во новинарството“ се задржа на влијанието на вештачката интелигенција врз новинарството денес.

„Вештачката интелигенција веќе го менува новинарството, и ние како општество и како држава мора да бидеме спремни за ова нова ера. ВИ има потенцијал да биде многу корисно за новинарите и медиумите ако се користи одговорно, но може да донесе и многу штета ако се користат правните вакуми за злоупотреба на оваа технологија. Затоа, сметам дека сите чинители мора да делуваат брзо со регулација, следејќи ги најдобрите примери во светот“, рече Арифи.

Претседателката на ИЕП, Елена Миленкоска се задржа на активностите кои беа реализирани и активностите кои следат во претстојниот период.

„Mинатава година активностите на ИЕП беа насочени кон обезбедување на поддршка на граѓанскиот сектор, односно организациите кои предложија иновативни акции за зајакнување на интегритетот на медиумите, борбата против дезинформациите нивно препознавање и делување, унапредување на медиумската писменост, критичкото размислување, демократските вредности и меѓукултурна соработка. За таа цел доделивме 4 грантови на 4 граѓански организации. При имплементација на своите проекти субгрантистите добија и менторска поддршка за зајканување на капацитетите на нивните организации, со цел да ги подобрат своите практики, политики и процедури во клучните области на нивното работење. Во рамки на проектот е предвидено изработка на 2 годишни извештаи за 2024 година и 2025 година, поврзани со следење на напредокот на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија кои се опфатени во публикациите“, истакна Миленкоска Михаиловска.

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски во своето обраќање рече:

„Двете публикации за кои што ќе зборуваат моите колеги денеска се дел од проектот Тренинг – Академијата за новинари и медиумски работници во чиј фокус е едно од најгорливите прашања што влијае врз интегритетот и независноста на новинарите и медиумските работници – а тоа е нивната безбедност “.

Од ЗНМ објаснуваат дека целта на овој извештај е да се анализира напредокот на Македонија за 2024 година во пристапниот процес кон Европската Унија (ЕУ) и се фокусира на основните принципи, кои се клучни за процесот на пристапување: демократија, човекови права и владеење на правото

„Главен предмет на анализа во овој извештај, според кој ќе се набљудува напредокот и ќе се нотираат предизвиците во областа на владеењето на правото и слободата на изразување, медиумските права и слободи и безбедноста на новинарите и медиумските работници се повеќе клучни сегменти во оваа сфера, кои се наведени во Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото за 2024 и во Извештајот на Европската комисија за напредок на Северна Македонија за 2023 година. Паралелно со овие два извештаи се анализираат и други релевантни документи, со цел давање детален преглед на сите предизвици во областа на слободата на изразување и слободата на медиумите како важен сегмент од македонскиот пристапен процес кон ЕУ“, соопштуваат од ЗНМ.

Публикацијата е изработена во рамките на проектот ,,Тренинг – Академија на новинари и медиумски работници, Т-AJM” финансиран од Европската Унија (ЕУ) и имплементиран од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во партнерство со Иницијативата за европска перспектива (ИЕП) и Европската федерација на новинари (ЕФН).