„Медуза talks“ – настани кои започнаа онлајн во пандемијата, а целат кон размислување и преобмислување на животот во и по кризата, ќе започнат да се одвиваат во живо.
„Медуза“ – онлајн феминистичката платформа ваквиот разговор во живо ќе го одржи денес, на 22 февруари, во социјалниот центар „Комитет“, со почеток во 19 часот.
Поттикнат од текстот „Болката е нашиот отпор“ од авторот Ангел Димитриевски, на настанот ќе се разговара за наоѓање речник за болката и како тоа може да биде омоќувачки во средина која ја маргинализира и физичката и психичката болка, особено на лицата кои живеат со хронична болка, или на општествените маргини.
„Зборувањето за тоа што нашите тела чувствуваат и какви сензации искусуваат е нешто што со намера се истиснува во општеството. Никој не сака да слуша за болката, а особено луѓето што живеат без неа. Според моето искуство, луѓето што живеат со болка маргинално зборуваат за неа, во релација со тоа колку голем дел од нашите животи таа зазема. Оваа состојба на немање речник за сопствените телесни искуства има и своја заднина“ пишува Димитриевски во својот текст.
На темата разговараат Ангел Димитроевски и Ана Блажева, со мало потпрашување од страна на уредничката на „Медуза“, Калиа Димитрова, а во разговорот ќе може да се вклучи и публиката.
„Целта на ‘Meдуза talks’ беше заеднички да го пребродуваме тој период, но и да замислуваме подобра, феминистички иднина. Речиси 3 години подоцна, ‘кризата’ нималку не е помината, туку постојано се прелева во различни простори и домени на нашите животи. Баш поради тоа, сакаме да понудиме можност и простор (во живо) да црпиме енергија едни од други и да му дадеме смисла на денешното време, преку колективна грижа, разговор, хумор и градење нови мрежи, познанства и пријателства“, велат од „Медуза“.
Ангел Димитриевски живее со хронична, невромускулна болест. Во своите есеи го пренесува искуството на пациентите, болните и лицата што се соочуваат со системски и телесни предизвици. Работи како програмски координатор во „Еквалис“, каде што овозможува спроведување на програми за млади од маргинални заднини.
Ана Блажева ја интересираат женските теми и пресекот на личното, социјалното и политичкото. Работи во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје и се вклучува во различни женски и феминистички акции, активности и проекти со кои сака да придонесе кон свесноста за нееднаквоста и потребата од прифаќање и примена на феминистичките заложби. Интимно се справува со ПМС и перименопаузални промени и тоа се, исто така, темите за сака да кои пишува.