Креативниот офлајн активизам во последните години донесе ајкули во Вардар и возен ред на галиите што го прикажуваа апсурдот на „Скопје 2014“. Споменикот на дијазепамот ја потенцираше општествената депресија, а кабини за чист воздух се поставуваа низ градот во периодот кога Македонија беше меѓу најлошите светски држави според аерозагадувањето. Во регионите кои најмногу се празнат, никнуваа патокази со број на иселени лица, додека некои дрвја буквално добиваа очи за да се скријат од налетите на урбанизација…
Творец на голем дел од овие герила-артивистички акции кои никнуваа низ Македонија изминативе години е Никола Писарев, од Центарот за современа уметност. Тој е еден од првите кој почна да користи креативни комуникации и акции за решавање на различни проблеми на заедниците.
Последната нивна герила-акција беше насловена „Чекајќи го Годо“. Два костури пред портите на Европската Унија го симболизираа односот на ЕУ кон Северна Македонија. Но, покрај евроинтеграциите, во земјава долги години се чека и правда, подобар стандард и образование, почист воздух…
„Македонија е претворена во чекална. Од осамостојувањето, ние 31 година нешто чекаме и гледаме вести. Еве јас сум од таа генерација која многу добро ги памети тие настани од 90-тите години и буквално чекаме и гледаме вести. Нон-стоп има нешто интересно на вести, нон-стоп нешто се случува, нон-стоп нешто ќе помине – уште ова да помине па ќе не’ признаат, една криза, друга криза, да помине светска економска криза, да помине коронавирусот, па пред тоа името… Ние само нешто чекаме. На граница треба да пишува: Република Северна Македонија – чекалница“, вели Писарев за Радио МОФ во подкастот „Мегафон“.
Со Писарев разговаравме за нивните артивистички-акции, како начин да се прикажат некои општествени проблеми, но и за активизмот воопшто.
„Сами сме криви зошто нема активизам. Ние верувавме дека промената се случи. Ние во времето на „груевизмот“ се боревме да се случат општествени промени. За жал, таа општествена промена не се случи, односно беше делумна. Ние дојдовме до состојба на промена, но не успеавме да обезбедиме долгорочна промена“, посочува Писарев.
„Кога на граѓаните ќе им дојде јајцето под газ тие реагираат. Немојте да мислите дека нема да најдат начини и форми на организирање. Забораваме една работа- потежок период за активизам одамна немало. Две години пандемија, војна која не’ шокираше. Имаме некаков политички калакурник во кој гледате дека не можат за ништо да се договорат, не можат ништо да направат и дека тоа е едно општо лудило. Буквално се враќаме на 90-ти години и онаа тетката од А1 Телевизија која вели `не знам веќе кај да се обратам, више пукнав`. Еден раштимуван оркестар на институции, во една обланда на дебела корупција која ја уништува секоја пора на општеството. И мислам дека тоа се темите околу кои луѓето ќе се организираат. И, мислам дека полека-полека се случува тоа“, додава тој.
Интервјуто со Писарев може во целост да го слушнете на следниов ЛИНК.
Даниел Евросимоски