Здружението „Велес Бајкинг“ неодамна ја потегна иницијативата „Донирај велосипед“ преку која заедно со млади активисти поправаат велосипеди и ги подаруваат таму каде што се потребни.
„Секоја недела, секоја среда во Велес организираме акција за обука репарирање на стари велосипеди на сите велешани. Меѓутоа, имаме и млади активисти кои ги внесуваме во тајните на обуката за велосипеди со цел самите млади да се вклучуваат во таа акција, а дел од нив коишто сакаат да ги подарат тие велосипеди ги објавуваат на социјалните мрежи. Потоа луѓето се пријавуваат и им ги носиме во нивните домови“, раскажува Зоран Јаневски од иницијативата за Радио МОФ.
Тој смета дека активизмот во ова време е многу важен затоа што младите ги насочува кон правилно размислување на живеење во општеството, на помагање. Иако, вели дека можеби очекуваат повеќе, сепак како здружение се задоволни од ангажираноста на младите околу она што го прават со поправката на велосипедите.
„Во поранешното време, во кое јас живеев имаше голем број на доброволни акции коишто нè насочуваа на правилно движење. Така што мислам дека во голем број треба да ги возобновиме тие акции. Сега, оваа акција што ние ја правиме е некој вид на работна акција со којашто ние помагаме на некому и со тоа си правиме да речеме дека сме задоволни самите од себе. Мислам дека времето на младите допрва доаѓа. Можеби постоеше некој вакуум во минатотот, но се надеваме дека ние и сите здруженија кои работиме на оваа тема, одиме во правилна насока“, поентира Јаневски.