Детската амбасада „Меѓаши“ алармира за постоење закани и опструкции врз ученици кои сакаат да го искажат своето незадоволство од образовните реформи. Во соопштение до медиумите тие откриваат дека добиле загрижувачки дојави на СОС линијата за деца и млади 070 390 632 и 02 2465 316.
„Последниве неколку денови добиваме дојави за прекршување на правата на средношколците, по повод најавата за донесување нов Закон за дигитализација на учебниците. Дојавите пристигаат на СОС линијата за деца и млади, на електронската пошта, на социјалните мрежи на Меѓаши, во (ин)директни разговори со засегнатите страни (ученици, наставен кадар, родители). Учениците се загрижени дека „им е загрозено психо-физичкото здравје и дека им се занемарува здравствената состојба и заштита, според член 39 од Уставот на РСМ правото на здравствена заштита“. Самите средношколци укажуваат на социо-економската раслоеност, односно на кој начин сите ученици ќе бидат обезбедени со соодветни уреди, дали тие со подобар животен стандард ќе имаат подобри уреди и можности за следење на наставата? Тие се прашувааат што ќе биде со останатите ученици кои се со низок социо економски статус, колку ќе се исполни правото на еднаквост во делот на следење на наставата?“, велат од „Меѓаши“.
Покрај дојавите од средношколци, додаваат дека добивале повици и барања од загрижени и вознемирени родители, старатели во врска со бојкотот на онлајн наставата од страна на учениците. Во дел од дојавите родителите тврделе дека дека децата им се уценувани со неоправдани и намалено поведение доколку ја бојкотираат наставата.
„Детската амбасада МЕЃАШИ го поддржува ученичкото организирање и остварувањето на нивните уставно загарантирани права, правата гарантирани со Конвенцијата за правата на детето и други меѓународни документи. Учениците имаат право да се самоорганизираат, здружуваат, да се залагаат за своите интереси пред институциите, да бидат слушнати и нивното мислење да биде земено предвид при донесувањето одлуки од страна на надлежните институции. Наместо да ги казнуваме треба да ги охрабриме, поддржиме и да им обезбедиме простор во кој ќе можат да го изразат своето (не)задоволство од решенијата на Министерството за образование и наука, простор во кој ќе бидат слушнати“, велат од „Меѓаши“.
Тие ги повикуваат Министерството за образование и наука и наставниот кадар да им овозможат на учениците да бидат дел од промените од кои се директно засегнати како и да ги поттикнат учениците да се вклучат и да ги креираат промените заедно со носителите на одлуки, но и да им дадат можност да ги изразат своите ставови и барања. Додаваат и дека правото на бојкот е еден од начините на кој децата можат да го изразат своето незадоволство и да бидат слушнати, тогаш кога не им се дава соодветен простор за тоа.