Локални власти, претставници на воспитно – образовниот кадар, претставници од невладини организации, млади и деца од општина Гостивар учествуваа на Локалната конференција „Гостивар – Општина посветена на децата“ во која учествуваше и Општина Дебар.
„Клучната сесија на конференцијата вклучуваше теми кои се актуелни кај децата и младите како што е врсничкото насилство, правата на децата со посебни потреби, решавање на проблемот со кучиња скитници, како и на важноста на соработката помеѓу училиштето и семејството“, велат од Првата детска амбасада во светот Меѓаши.
Младите и децата имаа носечка улога на оваа локална конференција. Беа присутни ученици од училиштата во општината, кои преку цртеж опишаа како ја гледаат иднината во нивниот град и што би сакале да изменат.
Цртежите ги доставија до градоначалникот на општина Гостивар давајќи му задолжение истите да бидат
приоритет при идните активности на општината.
Конференцијата беше отворена со поздравен говор од страна на градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари и Драги Змијанац – Претседател и основач на Меѓаши.
Во својот говор Таравари го истакна подобрувањето на условите на децата во градинките и училиштата и посебен акцент даде на разновидните услови за младите преку отворени три центри во кои младите имаат можност да го поминат своето слободно време.
Драги Змијанац, се задржа на важноста на учеството на децата во процесите на донесување одлуки, говореше за неговото досегашно учество во локалното одлучување и даде идеи како општините можат да ги вклучат децата и младите во носењето одлуки.
Др. Анета Чироска како медицинско лице се обрати на присутните со посебен фокус на здравјето и правата на децата.
Армира Шарку, како претставничка од Општина Дебар, преку практични примери ги претстави активностите на општина Дебар поврзани со правата на децата и детското и младинско учество.
Маргарита Милошоска претставничка од невладина организација за правата на децата со посебни потреби, укажа на работата и активностите што ги спроведуваат заедно со општината Гостивар.
Фото: Меѓаши