„Меѓу срцето и умот“ со виолинистката Алена Баева од Луксембург во Филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија во четврток, со почеток во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Меѓу срцето и умот“ на кој како солистка ќе настапи виолинистката Алена Баева од Луксембург. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата е Концертот за виолина и оркестар бр.2 од Сергеј Прокофјев и Симфонијата бр.8 од Дмитри Шостакович.

Како што информираат од Филхармонија, маестро Емил Табаков се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади иригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте.

Алена Баева е виолинистка која првите часови по виолина ги добива во Алма-Ата, Казахстан, на петгодишна возраст, од познатиот педагог Олга Данаилова. Од 1995 година учи во класата на проф. Едуард Грач во Централното музичко училиште при Московскиот конзерваториум „П. И. Чајковски“, а од 2002 – 2007 на самиот  конзерваториум. Покрај формалното образование, Баева како протеже на М’стислав Ростропович учи во Париз во 2003 и на Академијата на Сеиџи Озава во Швајцарија, која ја посетува од 2007 година. На шеснаесетгодишна возраст Баева е добитник на гран-при на 12. Натпревар „Хенрик Виењавски“ во Полска (2001), како и награда за најдобра изведба на современо дело.