Во организација на Факултетот за работи што не се учат – ФРУ ќе се одржи меѓународна изложба и симпозиум „Куќата што се распаѓа“ од 27 до 29 јуни во Музејот на Македонија.
„Изложбата и симпозиумот ‘Куќата што се распаѓа’ нашироко говорат за политиките на просторот и промените во градовите во однос на интересите на различните структури на моќ, односот кон заедничкото наследство, како и идентитетот на колективноста и грижата на градовите – заедничка и меѓузависна“, велат организаторите.
Настанот ќе започне од 20 часот со изложба на уметниците Вини Хербстајн, Филип Јовановски и Ану Вахтра, курирана од Ивана Васева.
Додека пак, во петок (28 јуни) од 20 часот предавање ќе одржи Ола Хасанaин која, како што истакнуваат од организација, доаѓа од Картум и Амстердам и нејзините уметнички истражувања примарно се фокусира на просторна писменост преку идејата за „просторот како дискурс“.
По предавањето ќе следи дискусија со Марјока де Гриф и Анастасија Пандиловска од Амстердам од организацијата „Suns and Stars“ и Ивана Васева од Скопје, кураторката на изложбата, истражувачка и програмска директорка на организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, кокуратор на АКТО фестивалот за современи уметности и куратор во Музејот на современа уметност во Скопје.
Понатаму, ќе следи прикажување на филмовите „Папагало, колку е часот?“ (2022) и „Јас, исто така, гледам“ (2024) од Ингел Ваикла и „Пари за ништо“ (2021) од Феликс Мелија, а по филмовите ќе има куси разговори со двајцата уметници.
Вториот ден од настанот ќе се заокружи со селекција на филмови „Создавачите на светските пазари“ (2001) и „Во споредба“ (2009) од Харун Фароки.
„Филмовите ги комбинираат темите за јавен и приватен простор, подвижните тела меѓу цврстите ѕидови и начинот на кој ги перципираме, се движиме и живееме во нашите средини“, забележуваат организаторите.
Во саботата, на третиот ден од настанот, од 19 часот започнува колективна перформативна проба/обиколка низ градот Скопје насловена како „Градот е јавност“ со водич како дел од Лабораторијата за перформативно просторно истражување „Градот како сцена“, како дел од Архитектонскиот факултет во Скопје.
По ова следува јавната рефлексија на идното сценарио за театарска претстава за градот во Музеј на Македонија, а настанот ќе се заокружи во 22 часот со музичка програма.
Инаку, изложбата и симпозиумот се организирани во рамки на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“ поддржан од Европската Унија.