Утре (среда) ќе се отвори Меѓународната изложба на уметничка фотографија „Фото Салон Куманово“ која ќе трае до 9 ноември. Изложбата ќе се отвори во 19:30 часот во Уметничката галерија во Куманово.
Фото кино клуб „Козјак“ повторно ги собра фотографиите на домашните и странските автори, на традииционалната меѓународна изложба на уметничка фотографија „Фото Салон Куманово 2023“, каде учесниците имаа можност да се престават во слободна категорија.
„Бурното време во кое што живееме, потполната дигитализација и брзиот развој на технологијата им дозволува на фотографите да бидат сведоци на историјата која се одигрува пред нивните фотоапарати. Затоа Фото Кино Клуб “Козјак” и годинава ги доби сите признанија од фотографските организации ширум светот. Традиционално ја организира најстарата меѓународната изложба во Македонија, Фото Салон 2023. На натпреварот земаа учество 115 автор од 10 земји од целиот свет. Жирито во состав Милош Нешковски (Македонија), Бранимир Ритоња (Словенија), Марјан Јаневски (Македонија) на изложбата доделија 25 награди во категорија Слободна и главната награда за најдобар автор на изложбата“, велат организаторите.
Тие истакнуваат дека се започнало во 1962 година, најпрвин како клупска, а подоцна како меѓуклупска изложба, односно меѓурепубличка. Во последниве неколку години, тие исткануваат дека Фото Салон прераснала во една од најпочитуваните и најпосакуваните изложби меѓу авторите од државите ширум светот.