Меѓународна младинска конференција во Крушево посветена на евроатланската интеграција

Денеска во Крушево ќе биде отворена Меѓународната младинска конференција „Европски вредности за иднината на Југоисточните европски земји”. Од 26 до 30 септември шеесетина активни младински лидери ќе дискутираат за тоа како младите лидери можат да го поддржат процесот на Евроатлантска интеграција на регионот.

Конференцијата која се одржува по 17-ти пат во Крушево, ќе резултира со препораки и предлози за промоција на европските вредности, насочени кон лидерите и младите луѓе од регионот.

На конференцијата ќе учествуваат млади од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Италија, Германија, Косово, Црна Гора, Романија, Србија и Турција и секако, од земјата домаќин.

Конференцијата ја организира Младински Сојуз – Крушево, во соработка со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Република Северна Македонија и Фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларија Скопје, како и поддршката од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа преку германската амбасада во Скопје.